| четврток, 6 декември 2018 |

Предавството на Заев

 Тања Каракамишева-Јовановска

Целата постапка што ни се подготвува за промена на името е комплетно надвор од меѓународното право, од Уставот и од законите на Република Македонија. Со меѓународниот договор што се очекува да биде потпишан меѓу Заев и Ципрас ќе се потврди дека НИЕ НЕ СМЕ МАКЕДОНЦИ и ДЕКА НАШАТА МАКЕДОНСКА НАЦИЈА ПОВЕЌЕ НЕ ПОСТОИ во форма и содржина во која сме се родиле и живееле до сега! Со новиот меѓународен договор што ни се претставува како единствен и нужен „компромис“ за името/идентитетот на државата/нацијата ќе се направи трајна промена на името на државата, иако во меѓународното право јасно е утврдено дека спорови за државни имиња не постојат, ниту можат да постојат.

Избор на име на еден народ и нација, па оттаму и на неговото уставно име (како основна уставно-правна категорија) е основно и екслузивно право само на тој народ и на никого друг!

Уставното име е JUS COGENS категорија во внатрешната, но и во меѓународната јурисдикција на државата што се смета за основно, за неоттуѓиво, и за неповредливо право на граѓаните што живеат во конкретната држава. Ова значи дека се додека народот не се изјасни и не изрази желба дека сака да го промени своето име, НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПОТПИШАН ниту еден меѓународен договор, а уште помалку може да биде донесен закон за ратификација на таквиот капитулантски договор!

Во оваа смисла потребно е уште еднаш да бидат повторени неколкуте битни принципи во меѓународното право што се директно поврзани со нашиот проблем:

Ниту една држава нема ексклузивно право на државни имиња. (Република Македонија е правен идентитет на нашата држава со јасно дефинирани граници, додека грчкиот регион „Македонија“ е назив на географски регион, а не на држава).

За правниот идентитет (ИМЕТО), како елемент на домашниот и меѓународниот правен субјективитет на државата не е релевантен претходниот историјат или потеклото на народот.

3. Во меѓународното право, спорови меѓу држави за државни имиња не постојат. Ова суверено право на државата да има свое име не може да биде менувано преку директно вмешување на кој било субјект од ООН, или негова држава-членка. Од фактот дека државно-правниот идентитет (односно името) е правна категорија која е есенцијален елемент на правната личност на државата се извлекува и заклучокот дека овој елемент има супстанцијална важност за државата (за нејзината суверена власт, територија и население).

Елементите на ДРЖАВНОСТ во меѓународното право се: 1. суверена власт, 2. територија 3. население, односно народ што е под внатрешна јурисдикција. Елементот суверена власт го вклучува и ПРАВНИОТ СУБЈЕКТИВИТЕТ, а овој како основен елемент го содржи ПРАВНИОТ ИДЕНТИТЕТ, односно ИМЕТО на државата (ПРАВЕН ИДЕНТИТЕТ=ИМЕ).

4. Битен принцип е и дека државното име не може да се украде, фалсификува или наметне, како што не може ниту да се одземе (од Грција или од ООН) или да се преформулира.
Исто така, од овој принцип произлегува дека државното име не може да биде предмет на (конечни или бесконечни) преговори, ниту на друг начин да се проблематизира ваков идентитет од надвор што задира во строгата внатрешна јурисдикција.

5. Правото на поседување правен идентитет на државата и правото на самоопределување на народот на државата е JUS COGENS норма (норма чие што дерогирање или повреда е забранета!).

Правниот идентитет на државата, односно нејзиното име е внатрешна УСТАВНО-ПРАВНА КАТЕГОРИЈА. Ова JUS COGENS право не може да биде предмет на какво било надворешно уредување или мешање!

Имајќи ги предвид претходно изнесените факти, а согласно информациите добиени од медиумите, првиот чекор во планираната наметната (октроирана) неуставна постапка за промена на нашето име треба да биде потпишување на меѓународен договор за промена на нашето име меѓу Заев и Ципрас во Преспа, што како чин е во целосна спротивност со меѓународното и домашното право.

Второ, овластување за склучување на ваков меѓународен договор за промена на нашето име според член 119 од Уставот, како и според член 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Заев НЕМА, ниту може да има согласно важечките прописи во државата.

Член 119 од Уставот вели дека „меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Меѓународни договори може да склучува и Владата на РМ кога тоа е определено со закон. А што е определено со законот?

Во член 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори јасно стои дека „Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката. Меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучува и Владата на Република Македонија со кои се уредуваат прашања од областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско-конзуларните односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави“.

Промена на името на државата не влегува ниту во сферата економија, финансии, наука, култура, образование и спорт, сообраќај и врски, а уште помалку во сферата урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, земјоделство, шумарство, водостопанство, здравство, енергетика, правда, труд и социјална политика!

Уште помалку со овој договор се заштитуваат нашите човекови права и слободи! Напротив, истите ќе бидат флагрантно повредени и ничкосани!

Следната фаза во постапката, според информациите дадени во медиумите, е така склучениот договор кој во суштина е неуставен и незаконски да биде ставен на седница во Собранието на РМ со цел да се изгласа закон за негова ратификација за што е потребно апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници.

Со оглед дека содржината на меѓународниот договор ќе биде во спротивност со уставното име на државата, тоа значи дека законот за ратификацијата на таквиот неуставен договор и Уставот ќе бидат во целосен расчекор. Во законот за ратификација на меѓународниот договор ќе биде утврдено друго име на државата спротивно на Уставот на Република Македонија. Ваквиот закон за ратификација на меѓународниот договор ќе биде спротивен на Уставот на РМ во формална и во материјална смисла. Дури и да биде изгласан, таквиот закон нема да смее да биде потпишан од страна на претседателот на Републиката, бидејќи истиот би бил спротивен на Уставот на РМ!

Ваквиот фаличен меѓународен договор заедно со неуставниот закон за ратификација на меѓународниот договор нема да можат да се применат во државата се додека граѓаните на РМ на референдум не изгласаат дека се согласни со промената на уставното име, имајќи предвид дека согласно член 2 од Уставот на РМ суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Ова значи дека за каква било промена на уставното име прво треба евентуално да одлучат граѓаните на референдум, ако воопшто граѓаните сакаат такво нешто, па потоа врз основа на резултатите или волјата на граѓаните би можело да се склучи меѓународен договор, односно да се донесе закон за негова ратификација.

Со оглед дека Заев го предвидува референдумот како пост-фестум решение, откако тој ќе ги преземе сите неуставни чекори и ќе го забетонира својот став надвор и дома, референдумот што според многу анализи би бил наместен во полза на промена на името, како и целата постапка имаат неуставен контекст и се спротивни на меѓународното право! Измешаните брзини во „правната“ постапка да ни се смени името по која било цена го отвора патот за кривичната одговорност на сите инволвирани во случајот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top