Вкупно 2,5 милиони евра планира да потроши Министерството за транспорт и врски за рехабилитација и надградба на железничката станица во Скопје.
Министерството денеска објави тендер за избор на изведувач на работите. Јавниот повик ќе трае до 3 септември, а се очекува за 7 месеци да заврши целокупната постапка.
– Финансиските средства за реализација на овој проект се обезбедени од фондовите на ИПА на ЕУ во висина од 85 отсто, додека 15 проценти ќе бидат буџетски средства – изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Рекострулцијата на Железничката станица, која треба да заврши до 2015 година, предвидува подигање на нивото на перонската платформа за да се задоволат европските стандарди, поставување два нови лифта, замена на складишните кракови, како и подобрување на пристапноста за инвалиди и слепи лица. Се планира да се изврши и преработка на шалтерите и воведување современ информативен систем.
Јанакиески, меѓутоа, подвлече дека Министерството не планира да го менува надворешниот изглед на Железничката станица, туку дека ќе се направи само мало разубавување на надворешниот изглед (варосување).
Тој изјави дека ќе се реновираат сите железнички станици од Коридорот 10 што беше најавено пред неколку месеци.
– Веќе се изготвени и проекти за останатите 10 железнички станици на Коридорот 10 и во текот на месецов, во соработка со ЈП „Инфраструктура“, ќе ги доставиме документите до ЕК – рече Јанакиески.
Преку Железничката станица во Скопје минатата година се превезени 653.868 патници, а во 2011 година, 947.119 патници.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за набавка на нови вагони, Јанакиески рече дека целосната документација е доставена до Европската банка за обнова и развој.
– Чекаме забелешки или одобрување од банката, по што ќе следува јавниот повик – изјави Јанакиески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



