| четврток, 6 декември 2018 |

Стоечки овации за „Македонисимо“ во Кралскиот замок во Варшава

Синоќа во престижната Голема балска сала на Кралскиот Замок во Варшава, се одбележа 25 годишнина од дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Полска со автентичниот музичкиот проект „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите (Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет/саксофон/кавал Хидан Мамудов, удиралки Влатко Нушев и кларинетистот Ристо Ѓоревски како дел од полската турнеја), соопштија од Амбасадата на РМ во Варшава.

Публиката во преполната сала уживала во звуците на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов. Концертот, кој истовремено е дел и од програмата со која се чествува 100-годишнина од обновување независност на Полска, предизвика големо внимание, а музичарите беа наградени со стоечки овации.

Настанот беше во организација на Амбасадата на Република Македонија во Полска, во соработка со Кралскиот Замок. По концертот, во чест на јубилејот се обрати вршителот на работи во Амбасадата Горица Атанасова Ѓоревска, која се осврна на динамиката на одличните и блиски билатерални односи меѓу Република Полска и Република Македонија во изминатиот период. Таа говореше и упати благодарност за полската принципиелна поддршка на евро-атланските аспирации на РМ како и преносот на нивните искуства. Се задржа и на растечката динамика на односите покрај во политичкиот, така и во делот на економијата, туризмот, културата, одбраната. Осврт на четврт векот на развојот на билатералните односи на двете земји даде и Ана Сохањска, надлежен Директор за Европски држави од Полското Министерство за надворешни работи. Таа упати благодарност и за успешната работа Атанасова-Ѓоревска која го привршува нејзиниот тригодишен мандат во Полска.

По концертот беше организиран и пригоден коктел за претставниците на дипломатскиот кор, полските институции, бизнис соработници како и македонските претставници кои живеат и работат во Полска. Реализацијата на концертот ја поддржаа, во својство на мецени, Томе и Симо Кецман, македонски бизнисмени кои живеат во Полска, а приемот се реализираше со поддршка на неколку компании.

Полската турнеја на „Македонисимо” продолжува во Шќеќин на 22 мај, во Гдањск на 24 и на 25 мај во Катовице.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top