Одлуката на македонската влада да го ограничи увозот на пченица и брашно од Србија ќе предизивика соодветна мерка од страна на северниот сосед. Според српските медиуми, со оваа мерка на македонската влада битно се нарушува принципот на слободна трговија, и тоа овојпат нема да се толерира.
– Бараме итна вонредна седница на ЦЕФТА, а доколку тоа не донесе резултат, ќе преземе реципрочни мерки – изјави министерот за трговија, Расим Љаиќ, за српски „Блиц“.
Љаиќ кажа дека намерата му ја соопштил и на мекедонскиот министер за земјоделство, Љупчо Димовски, откако усно го известил дека со одлуката на македонската влада се крши спогодбата.
Според оваа одлука на македонската влада, увозниците ќе мора да купат два килограми домашна пченица доколку сакаат да увезат килограм жито од Србија, односно ќе мора да купат четири килограми домашна пченица ако сакаат да увезат килограм брашно од Србија.
– Македонската влада веќе четврта година по ред ја носи истата одлука која е во сила два три месеци, додека не се закаже седница на ЦЕФТА. Тогаш одлуката се повлекува и постојано водиме иста битка со нив. Резервна опција е и ние да повлечеме реципрочни мерки поради кои не сме среќни, но немаме друг избор – рече Љаиќ.
Предлог на работната заедница „Жито Војводина“ е Србија да воведе реципрочна мерка со која српските увозници на вино за еден литар од Македонија да мораат претходно да купат четири литри вино од Србија.
Поради проблемите на релација Белград – Скопје, стравуваат и македонските винари.
– Се надеваме дека Србија нема да возврати со што ќе се отежне извозот на вино од Македонија. Имаме одлична соработка со Србија и не сакам да помислам дека тоа ќе се случи – изјави за „Блиц“, Наталија Кузмановска, маркетинг-директор на винарницата „Камник“.
Се предлага и реципрочни мерки за доматите и пиперките од Македонија, кои Србија ги купува во големи количества надвор од сезоната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.