Деновиве од печат излезе новата книга на Игор Анѓелков насловена „Филмски град“, како 13. издание во есеистичката едиција „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа.
По првата книга негова која ја третира седмата уметност, „Филм.мкд“ од 2015 година, за која ја доби и Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, во „Филмски град“ авторот во воведното поглавје продолжува да ги следи случувањата во македонската кинематографија низ серија осврти кон филмовите снимени во последниве неколку години, но концептот оди понатаму, и во следните осум поглавја, Анѓелков пишува за балканскиот, европскиот и светскиот филм, но низ есеистички текстови тој ги обработува и тематските филмови и класиците, за на крајот да ни подари шест текстови во кои комплетно ги обработува филмските жанрови, како мала енциклопедија наменета за сите читатели и возрасти.
Во години кога филмската литература речиси и да ја нема, книгите на Анѓелков се вистинско освежување и одлично го надополнуваат недостатокот на филмска литература од домашни автори кај нас. Дизајнот на корицата е на Бојан Ивановиќ од „Бригада.мк“, а излегувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура на РМ.
Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, како автор на филмската радио-емисија „REDRUM“ на Канал 103, а веројатно е најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма, кој во етерот се емитуваше единаесет години (2003-2014). Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“, „Филозофски филмски фестивал“…, а од оваа година е селектор на филмовите во официјалната програма на филмскиот фестивал „Киненова“.
Освен „Филмски град“ и „Филм.мкд“, Анѓелков е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).
По повод излегувањето на „Филмски град“, Оливера Ќорвезироска напиша:
„Игор Анѓелков е еден од ретките поинакви проследувачи на филмот кај нас, со осврти во кои вградувајќи ги сето свое знаење и љубов кон Седмата уметност, речиси секогаш вклучува и еден вид книжевен дискурс збогатен со парчиња од интимното животно искуство. Токму во ваквиот микс на книжевното и филмското писмо, Анѓелков си го изгради својот препознатлив творечки ракопис со сѐ појасно и повидливо место на нашата културна сцена. Двете нишки во неговото писмо не си одземаат ништо едната на другата, напротив, постојано си додаваат, затоа што никогаш немаат натпреварувачки однос. Примарниот интерес секогаш е јасен и прецизен, а поддршката од секундарниот е само продлабочување на аспектот, препознатлив личен авторски белег. Нивните позиции се менуваат од наслов во наслов на Анѓелков, во зависност од тоа дали издава публицистичка, есеистичка, критичка книга или белетристичка (раскази, романи). Хибридниот интерес на Анѓелков спонтано се движел и кон хибридизација на стилот, делумно и на жанрот на негово писмо. Затоа сето ова изгледа толку автентично. Кога писателот сака филм, а филмаџијата книжевност, настануваат книги како „Филмски град“ – сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Игор Анѓелков, програмски директор на „Киненова“: Филмот и понатаму е возбудлива територија
-
Игор Анѓелков и Мишо Нетков се годинашните добитници на наградата за публицистика „Мито Хаџи Василев-Јасмин“
-
Игор Анѓелков, автор на „Филм.мкд“: Отсекогаш знаев дека она што го работам еден ден ќе осамне во книга
-
Промоција на „Филм.мкд“ на Игор Анѓелков на „Синедејс“