На 16 ноември, во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе биде промовирано изданието на „Или-или“ „Филм.мкд“ на Игор Анѓелков, новинар и филмски критичар. Анѓелков е автор на два романа и на збирка раскази, а новото дело е „посвета на македонскиот филм“, како што вели самиот автор. Анѓелков направил преглед на македонскиот филм во новиот милениум низ интервјуа со режисери во период од 2003 до 2014 година кои беа емитувани во филмскиот магазин „Филмополис“, чиј автор беше тој. За жал, магазинот веќе не се емитува, но, затоа пред нас го имаме делото кое е вредно за почит.
По успешни 11 сезони на „Филмополис“ во етерот, авторската емисија на Игор Анѓелков е укината. Идејата за „Филм.мкд“ се наметна пред таа да биде повлечена или Анѓелков сакаше да види што сѐ сработил за 11 години како филмски проследувач?
АНЃЕЛКОВ: Јас отсекогаш знаев дека она што го работам (и продолжувам да го работам во други медиуми), а тоа е следење на случувањата во Седмата уметност како во домашната, така и во светската кинематографија, еден ден ќе осамне во книга. Можеби и потсвесно моите емисии не фигурираат никаде на мрежата баш поради тоа што знаев дека некогаш (а тоа е сега!) интервјуата и рецензиите што сум ги правел ќе бидат (и мораа да бидат) сместени во книга, која останува за век и веков. „Филм.мкд“ наиде на одлични реакции од типот „фала богу некој конечно да направи посвета на македонскиот филм”, па сѐ до реакциите на актуелните студенти на факултетите за филм кај нас, но и на оние што студираат по белиот свет, кои на оваа книга искрено ѝ се израдуваа бидејќи претставува сублимат на случувањата во македонскиот филм во новиот милениум. Едноставно, денес во Македонија се снимаат многу повеќе филмови од порано, но гранката која потфрлува е издавање филмска литература која ќе се надоврзе на таа тенденција. Се надевам дека мојата книга е некаков почеток работите да се движат во таа насока, во создавање на повеќе филмолошки дела за нештата што се случуваат овде и сега.
Велите дека „Филм.мкд“ не е природен епитаф на „Филмополис“, туку дека природно се прелева од еден во друг медиум. Следуваат ли пристојни времиња за, можеби, втор живот во етерот на „Филмополис“?
АНЃЕЛКОВ: Да се потсетиме, во септември и во октомври 2014 година накратко започна и 12. сезона на магазинот со пет интересни епизоди, во кои ги проследивме случувањата на Венецискиот филмски фестивал, на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки”, како и почетокот на снимањето на филмот „Три дена во септември” на Даријан Пејовски, со кој беше отворено новото издание на „Синедејс“, и приказната застана. За причините не прашувајте ме, ова е Македонија и тие вообичаено се крајно банални, иако секогаш се удираме в гради и сакаме да се прикажеме како револуционери во она што го правиме, без притоа и минимално да се придржуваме до новинарските стандарди, кои ни се професија. Но, пристојните времиња, како што ги нарекувате, сѐ уште не тропнале на вратата, и можеби затоа „Филмополис” засега е на стенд бај копчето, надевајќи се на подобри времиња во домашните медиуми, кога нема да има калкулантски однос кон квалитетниот производ, кога нема да има нарачани работи и разни други аномалии, иако, сведоци сме, работата бавно се движи нанапред.
По толку интервјуа со филмски работници, што мислиш, во која насока треба да се движи македонскиот филм според критериумите што треба да ги задоволи за снимање на еден актуелен, европски филм кој треба да помине добро на фестивалите низ Европа?
АНЃЕЛКОВ: Отсекогаш сум велел дека македонската кинематографија, како природен дел од европската, но со многу помала видливост во нејзини рамки, треба да раскажува мали автентични приказни со универзална порака на препознатливост. Тоа е ставот и на многу од домашните филмаџии, што може да се прочита и во нивните изјави во самата книга. За жал, нема изградено потребна стратегија во однос на тоа кон каде треба да се движи домашниот филм, но, кога реално ќе ги согледаме нештата, ние и воопшто немаме изградено некаква културна стратегија на ниво на држава, при што сведочиме на ситуација во која се поддржува многу шунд, а се игнорираат модерните, но и трајните вредности.
Тешко беше да се направи изборот на интервјуата што ги смести во книгата? И зошто се реши ова да биде преглед на македонскиот филм во новиот милениум?
АНЃЕЛКОВ: Од обемниот материјал што го создавав со години наназад не само во магазинот, туку и низ моите ангажмани на радиобрановите и во печатените медиуми, природно се наметна потребата книгата да се осврне на современиот македонски филм, материја која ја познавам и за која сметам дека одлично ја истретирав во медиумите во кои се изразував. Имам и еден куп интервјуа со автори на документарни филмови, на кратки остварувања, разговори со значајни странски гости на домашните фестивали, но сметав дека една книга треба тематски да се фокусира, а не да се распливнува. Поради тоа, третирањето на македонскиот долгометражен филм беше првото и единствено решение, што не значи дека останатиот материјал нема да се појави во некое следно издание од сличен тип.
Промоцијата на книгата е закажана за време на одржување на „Синедејс 2015“. Кој филм Анѓелков нема да го пропушти на Фестивалот на европски филм?
АНЃЕЛКОВ: „Синедејс” во последните години конечно порасна во еден сериозен фестивал со актуелни остварувања на кој можат да му позавидат многумина во регионов, па и пошироко. Токму затоа сметав дека филмолошка книга како мојата мора да се промовира во рамките на еден ваков фестивал кој третира филмови какви што обработував и во самиот магазин, и кои се во мојот филмофилски фокус. Во однос на прашањето, тешко е однапред да се каже каков избор ќе падне при селекцијата на филмовите кои треба (и мора) да се видат. Јас би сакал да го имав ентузијазмот од времето кога на домашните фестивали гледав по три-четири филма дневно, и тоа еден по друг. Но, за мене годинашниот „Синедејс” ќе биде запаметен пред сѐ поради промоцијата на мојата книга, и затоа ги поканувам сите ваши читатели и вистинските љубители на филмот, в понеделник, на 16 ноември во 19 часот, во галеријата на МКЦ во рамките на „Синедејс“, да повелат на промоцијата на „Филм.мкд“, на која за изданието ќе зборуваат промоторот Роберт Насков и рецензентката Мими Ѓоргоска Илиевска. Ќе има уште неколку изненадувања кои засега нема да ги откривам
И за крај, кои се твоите „топ оф д попс“ македонски филмови?
АНЃЕЛКОВ: Ми се допаднаа двата последни македонски филма, кои својата премиера ја доживеаја на фестивалот „Браќа Манаки” во септември – „Лазар“ на Светозар Ристовски и „Медена ноќ“ на Иво Трајков, како куриозитет кој никогаш претходно не се случил, два филма од тековната година да бидат навистина добро сработени. Од поновите остварувања апсолутен фаворит ми е „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, но го сакам и неговиот првенец „Хај-фај“ од 1987 година. Од минатото, тука се двоецот на Столе Попов „Среќна нова 49“ и „Тетовирање“, како и „Пред дождот“ и „Прашина“ на Манчевски, а од малку подалечното минато, антологиските „Црно семе“ на Ценевски и „Мементо“ на Османли.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Игор Анѓелков, програмски директор на „Киненова“: Филмот и понатаму е возбудлива територија
-
„Или-или“ ја објави новата книга на Игор Анѓелков, „Филмски град“
-
Игор Анѓелков и Мишо Нетков се годинашните добитници на наградата за публицистика „Мито Хаџи Василев-Јасмин“
-
Промоција на „Филм.мкд“ на Игор Анѓелков на „Синедејс“