| четврток, 6 декември 2018 |

Игор Анѓелков, програмски директор на „Киненова“: Филмот и понатаму е возбудлива територија

Би ги повикал македонските филмаџии да ги отворат чакрите и да почнат да ја истражуваат токму новата македонска проза, бидејќи има многу приказни кои заслужуваат да бидат екранизирани, вели Анѓелков

Игор Анѓелков е годинава дел од Фестивалот „Киненова“ како негов програмски директор. Роден е во Скопје, дипломирал на „Интердисциплинарните студии по новинарство”, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации” на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Анѓелков сктивно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на книжевноста, музиката и филмот, а долго време беше дел и од екипите на скопските радија “Канал 103” и “Равел”. Веќе десет години е уредник на популарната едиција “ПРОаЗА” во издавачката куќа “Или-Или”, а исто толку години беше автор и уредник на филмскиот магазин “Филмополис” на ТВ Телма.

Автор е на бројни збирки раскази и романи кои наидоа на одличен прием кај читателите.

Со Игор, пред самиот почеток на Фестивалот, разговаравме за најновото издание на „Киненова“, селекцијата на филмовите, филмот како уметност, но и за издаваштвото, литературата, македонските автори…

 

Вие сте нов член на екипата на „Киненова“. Како дојде до оваа соработка и што значи тоа за Вас?

– Искусните филмски имиња со своите последни остварувања (со чест на исклучоци, секако) како да сакаат да не’ уверат дека работата веќе е отидена по ѓаволите и дека филмот служи само како алатка за снимање на „контраверзни“ остварувања заради самата контраверзност по себе, и ништо повеќе. Токму затоа го свртев фокусот кон дебитантските остварувања, каде може да се почувствува свежина во идеите, пожртвуваност при реализацијата на истите, и пред се’, искреност во пристапот при раскажувањето на приказните за, условно, „малите луѓе“ околу нас и во нас. Интересен момент е токму тоа преклопување на коцките помеѓу концептот на „Киненова“ како фестивал и моите интереси за филмот во последниве неколку години. Секако дека со радост ја прифатив поканата да бидам програмски директор на фестивалот кој во иднина треба да се развива во вистинска насока, а таков предизвик не треба да се пропушти, особено поради фактот што ова за мене, како проследувач на филмот веќе две децении низ различни медиуми, ќе биде прво искуство од ваков тип.

За оние помалку упатените, кажете ни нешто повеќе за фестивалот?

– Како нов фестивал на македонското филмско небо, „Киненова“ во изминатите две години понуди интересен концепт зад кој стои поддршката на првите остварувања (првиот и вториот филм) на младите филмаџии ширум светот. Ова освежување на македонската фестивалска карта треба сесрдно да се поддржи, иако ситуацијата не е баш „розова“. Како и секое ново случување, „Киненова“ се обидува да изгради своја публика, а годинава со понудата се надевам дека токму тоа и ќе се случи, бидејќи имаме шаренило од настани за сечиј вкус, од работилници кои директно им се обраќаат на филмаџиите, преку проекциите на филмовите за најмладата публика па се’ до понудата за најпасионираните љубители на филмската уметност поместена во различни селекции, притоа не заборавајќи ги супер интересните гости со кои и публиката ќе има можност да разговара и да се дружи со нив, но и промоцијата на мојата нова книга „Филмски град“ во рамките на фестивалот. Годинава имаме фокус на современиот норвешки филм, дел сме од прославата на 100-годишнината од раѓањето на големиот Ингмар Бергман со неколку негови филмови од првиот период на творештво, за да се задржиме во рамките на фестивалскиот концепт, филмови кои никогаш не биле прикажувани кај нас, потоа, одличната селекција на кратки филмови, и секако, официјалната селекција која содржи осум остварувања од различни светски кинематографии, меѓу кои, секако, доминира европската.

Како селектор на филмовите во официјалната селекција имавте обемна и комплексна задача. Беше ли тешко да се направи селекцијата?

– Во филмот има „добри“ и „лоши“ години. Неретко се случува на „А“ фестивалите, или на доделувањето на „Оскарите“, да има просечни остварувања, а на крајот сепак некој мора да биде лауреат. За среќа оваа сезона, барем што се однесува до првите и вторите остварувања на претежно младите филмаџии, од продукциски аспект се погоди да биде прилично плодотворна. На „Киненова“ пристигнаа фантастични остварувања, и сведувањето на бројката од осум селектирани филмови кои влегуваат во битка за главната награда беше навистина тешко. Но, тоа се таканаречените „слатки маки“, бидејќи за мене претставуваше вистинско задоволство сиве овие месеци наназад да изгледам еден куп чудесни филмови, да влезам во светот на новите филмски сили кои се бескомпромисни, и да ги изберам најдобрите меѓу нив, така овозможувајќи и’ и на домашната публика да нурне во осознавањето и читањето на она што се случува околу нас преку делата на будните дебитанти. Дефинитивно, ветувам возбудлива филмска програма со која навистина се гордеам.

Која беше Вашата идеја водилка при селекцијата? Какви филмови ќе и понудите годинава на публиката на „Киненова?

Како тематска карактеристика кај повеќето од филмовите може да се потенцира „грижата на совест“, една од главните одредници како во филмот, така и во литературата, но и во уметноста воопшто, која низ децениите наназад даде завидни дела и резултати. Главен програмски стожер годинава се неколкуте наградувани филмови од европската кинематографија, меѓу кои се наоѓа еден вистински репрезент на новото, почитувано на овие простори, руско кино („Блискост“ на Кантемир Балагов, пуленот на култниот Александар Сокуров, ни нуди сосема ново, поинакво видување на нештата), потоа, ремек-делото снимено со натуршчици од надоаѓачката унгарска кинематографија („Цветна долина“ на Ласло Чуја), како и куриозитетот во името на Говинда ван Меле, чиј филм „Гутланд“, искрен авторски одговор на култниот „Догвил“ на Ларс фон трир, доаѓа од луксембуршкото филмско милје, од каде, ќе признаете, ретко имаме можност да гледаме некое филмско дело. Од соседната, исто така освежена со нови сили бугарска кинематографија ни доаѓа визуелниот спектакл „Ага“ на Милко Лазаров, кој летово ја доби главната награда „Срцето на Сараево“ на Сараевскиот филмски фестивал, додека достоен репрезент на новата турска кинематографија е филмот „Крадци на гулаби“, во кое мудрите деца го имаат главниот збор. Боите на азиската кинематографија достоинствено ќе ги брани можеби најдобрата меѓу нив, иранската, која во Македонија има безброј почитувачи и ревносни следбеници. Вториот филм „Без наслов, без потпис“ на Вахид Џалилванд е вистински репрезент на иранското кино кое во последниве две децении собра еден куп фестивалски награди ширум светот, воспоставувајќи свој код и јазик на комуникација со публиката, преку прикажување на реалната ситуација во иранското општество, храбро соочувајќи се со предизвиците на современиот живот. Одличниот „Ретабло“ на Алваро Делгадо Апарисио, пак, е достоен репрезент на возбудливата јужноамериканска кинематографија, филм кој ќе не искачи во висините на недостижните Андите, суптилно отворајќи ја и темата на хомосексуалноста, раскажувајќи ни универзална приказна која никого нема да остави рамнодушен. Фестивалот годинава за прв пат ќе биде отворен со дебитантско остварување на македонски режисер, во случајов со филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, кој по светската премиера во Монтреал и наградата за иновативност, ќе ја доживее и својата македонска премиера.

Кој е Ваш омилен филм? И кој режисер?

– Веројатно одговорот на ова прашање би содржел многу имиња и наслови, бидејќи тешко е да се издвои само еден од плејадата врвни автори во филмската историја. Филмската вселена е бескрајна, и дозволува во различни периоди од животот да истражувате различни филмски естетики. Во тоа е и убавината на филмската магија, бидејќи заедно растете и созревате со она што таа ви го нуди, па така, во младоста можеби ќе ви значи бунтовниот „нов француски бран“ од 50-те и 60-те години на минатиот век, различноста, а сепак уникатноста на секој филм на Стенли Кјубрик, авангардноста и налудничавоста на Дејвид Линч, посебноста и едноставноста на Џим Џармуш, или пак прекрасниот вертикален универзум на Андреј Тарковски. Посебен пиетет имав и кон независниот американски филм, по што фино се надоврза мојот интерес и фокус кон дебитантските остварувања, како свежа крв која ми дава инспирација во последниве години.

Игор Анѓелков е дел од тандемот на „Или-Или“, издавачката куќа и култната скопска книжарница, каде заедно со Ненад Стевовиќ со години успешно промовирате автори и наслови. Ако треба да изберете што повеќе ви „лежи“: филмот или литературата? Каде се пронаоѓате?

– „Или-Или“ е убава приказна која со г-нот Стевовиќ ја живееме веќе 15 години, притоа стигнувајќи до околу 200 издадени книги. Прозната едиција „ПРОаЗА“ со 165 наслови е препознатлива меѓу читателите, а особено радува фактот што застанавме зад новата генерација на македонски писатели, им дадовме шанса, и тие сесрдно ја искористија, со веќе неколку наградени книги зад нив/нас. Но највеќе се гордееме што успеавме на македонските читатели да им подариме квалитетна преводна литература, иако во последниве неколку години работата оди во обратна насока – токму книгите на домашните писатели да бидат повеќе читани од наградуваните странски автори. Бидејќи ова прашање е комбинација од филмот и литературата, би ја искористил шансата и би ги повикал македонските филмаџии да ги отворат чакрите и да почнат да ја истражуваат токму новата македонска проза, бидејќи има многу приказни кои заслужуваат да бидат екранизирани. И на крајот, веројатно најконкретниот одговор на на поставеното прашање би бил: гравитирајќи некаде помеѓу, успешно гризајќи од колачот на двете прекрасни уметности, кои имаат многу заеднички точки.

Тарковски ќе рече: „Филмот е голема и висока уметност и кога би ме прашале како би го вреднувал, јас би го поставил некаде помеѓу поезијата и музиката, без оглед на тоа што овие две уметности постојат со децении“. Каде Вие би го поставиле филмот?

– Филмот е сублимат на многу уметности и се’ уште го држи приматот на врвно доживување од сите аспекти. Развојот на новите технологии му дава неограничени можности и тој повторно може да ја преземе улогата на субверзивност, што во основа и му прилега. На светов постојат безброј приказни, безброј неправди кои треба да бидат раскажани, и со тоа само се продолжува животот на Седмата уметност во нови насоки чии можности се бескрајни. Токму затоа филмот и понатаму е возбудлива територија која никогаш нема да престане да провоцира и интригира, трансформирајќи се во нови изненадувачки облици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top