Со Свечена академија во присуство на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија предводени од поглаварот г.г. Стефан и на највисокиот државен врв на 27 мај во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид ќе започнат активностите за одбележување на големиот јубилеј – илјада години од основањето на Охридската архиепископија.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски на денешната прес-конференција во Охрид истакна дека се работи за извонредно значаен настан – одбележување еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација, која го обединувала народот и му помогнала да премости многу тешкотии од најразлични временски епохи.
– Централната свеченост ќе биде на 27 мај во катедралната црква Света Софија, со Свечена академија под покровителство на претседателот на Република Македонија со пригодни обраќања на црковниот и државниот врв. Следниот ден ќе се одржи Соборно литургиско чествување со кои ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ во сослужение на членовите на Светиот синод, рече Сотировски.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски истакна дека за организацијата на централната свечаност е задолжена МПЦ, додека останува на локалната самоуправа да биде помагател во организациските активности предвидени во програмата за одбележување на јубилејот.
– Општина Охрид активно ќе се вклучи во сите манифестации за одбележување на извонредно значаен јубилеј. Активностите ќе почнат на 24 мај на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, со голем концерт на Горан Трајковски и „Мизар“, рече Стојаноски.
Горан Муратовски, шеф на оркестарот на Македонската филхармонија рече дека Централната свеченост по повод јубилејот ќе биде збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чии рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манстирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска управа на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари.
Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи во оваа прилика појасни дека во соработка со претседателот на РМ, Министерството за култура, други државни институции, општина Охрид, Македонската филхармонија, изготвена е програма со цел достојно да се одбележи јубилејот, а истовремено да побуди интерес кај сите возрасни категории. Активностите се распределени да се одржуваат од 27 мај па се до крајот на календарската година, во чии рамки се предвидени научни академски собири, промоција на извонредно заначајни публикации, бројни културни, образовни, уметнички, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност. Тој ги повика сите братски балкански народи да го посетат Охрид и заедно со македонскиот да го прослават значајниот јубилеј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.