| четврток, 6 декември 2018 |

Лежи во затвор за убиство на 13-годишно девојче, а се фали дека убил уште шест (Видео)

Артур Рим, 69-годишниот маж од Мичиген, кој е во затвор поради убиство на 13-годишно девојче, сега се смета за сериски убиец, соопшти полицијата која е во потрага по уште шест други девојки кои се водат како исчезнати веќе со децении.

Полицијата, користејќи земјоделски алатки и машини, почнала со прекопување на земјиштето во шумата на околу 50 километри северозападно од Детроит, бидејќи се верува дека Артур Рим ги закопал сите свои жртви на истото подрачје.

Полицискиот комесар му се обратил за затвореникот, апелирајќи до него да помогне во истрагата:

“Сакаш ли да бидеш човек сега? Ајде, помогни им на овие семејства. Дај им можност да стават точка на се. Тоа е се што бараме од тебе”, рекол тој.

За Артур тоа не е непознато, бидејќи откако бил осуден за убиството на Синди Заразицки во 2008 година, го одвел инспекторите до нејзините остатоци кои лежеле закопани повеќе од 20 години.

Полицијата го испрашала уште неколку месеци, откако им се фалел на другите затвореници дека е одговорен за смртта на уште шест лица. Подоцна паднал на детектор за лаги.

Артур уште во 1998 година бил осуден на 15 години затвор поради сексуални кривични дела поврзани со деца. Адвокатот кој му бил доделен на судењето во 2008 година, за својот клиент рекол дека “не е симпатичен човек, и дека не е здрав”.

Синди, за чија смрт бил осуден, била девојка на неговиот син. Последен пат била видена на 20. април 1986 година, а обвинителите во текот на судењето рекле оти и кажал дека подготвува изненадување за синот и ја повикал. Всушност, роденденот на неговиот син бил неколку месеци претходно.

Меѓутоа, иако ја одвел полицијата до нејзиното тело, Артур негирал дека тој ја убил. Нејзиниот татко рекол дека се надева дека Артур ќе открие и каде се наоѓаат телата на другите девојки.

Меѓу нив се Кимберли Кинг, која исчезнала во 1979 година, Ким Лороу, која исчезнала во 1981 година, Кели Бронвил, која исчезнала во 1982 година. Исто така, властите трагаат и по девојки чии идентитети не се јавно изнесени.

“Ве молам, само кажете ни каде е, да можеме да продолжиме понатаму. Се што сакаме е да ја земеме и да ја погребаме покрај мојата баба”, моли сестрата на исчезнатата Кимберли Кинг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top