| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Заев му продал државно земјиште на Вице Заев (ВИДЕО)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на најавената прес-конференција откри скандал од кој се гледа како премиерот Зоран Заев, кој во периодот кога е направен криминалот бил градоначалник на Струмица, ја искористил својата функција и му продал државно земјиште на својот брат Вице Заев.

Компанијата на Вице Заев денес на тоа земјиште гради згради, со што семејството Заев повеќекратно ќе го зголеми својот личен капитал.

-Од овој случај може убаво да се види како се прават бизниси во Струмица по клучот на картелско и кланерско поврзување и ползување на продобивните од функцијата дадена од граѓаните.

Мицкоски објаснува како државното земјиште со потпис на градоначалникот стигнало во рацете на братот на градоначалникот.

-На 29 декември 2014 година одржано е јавно наддавање за отуѓување државно змејиште во општина Струмица. Во тоа време градоначалник на општина Струмица е сегашниот премиер Зоран Заев. На аукцијата се јавува само еден понудувач, лицето Сашко Брндевски од Струмица, бизнис-партнер во една од компаниите на Вице Заев. На лицитацијата била постигната цена од 2300 денари за квадратен метар, а парцелата со намена за изградба на објект за колективно домување е со вкупна површина од 18462 квадратни метри.

Пред издавање на одобрение за градење, општина Струмица одобрува на продадената локација да се градат осум нови седумкатници, со вкупна бруто изградена површина од 52850 м2.

Во февруари 2016 година, Зоран Заев на Сашко Брндевски му издава одобрение за градење за изградба на станбена зграда бр. 8.

Во истиот месец во 2016 година, лицето Сашко Брндевски склучува договор за пренесување на право на градење на предметната парцела со правните лица ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ – сопственост на Вице Заев и АД Пелагонија Струмица во чиј управен одбор во тоа време пак е братучедот на Заев, Трајче Заев. Ќе потсетам дека Тотал ИНЖЕНЕРИНГ е истата фирма која беше во  средиштето на аферата со камиони и превоз на јаглен.

Како надоместок за тоа што им отстапил право на градење, лицето Сашко Брндевски добило стан од само 40 м2. Значи еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина 6 888 м2, профит над 1 милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев. Потписници на овој документ се Вице Заев, Сашко Брндевски и управителот на АД Пелагонија Јанев, каде член на управен одбор во тоа време е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев. Ова отвора сомнеж дека бизнис партнерот на Заеви е само параванот, а потоа јасно се гледа дека зградите се градат токму од компанијата на братот на премиерот Зоран, Заев, Вице Заев.

Во месец март 2016 година, Зоран Заев носи решение за промена на инвеститор, каде што наместо Сашко Брндевски, нови инвеститори на станбената зграда се двете наведени фирми. Така да ова е документ каде јасно се гледа дека Зоран Заев, сега премиер, тогаш градоначалник на општина Струмица, се потпишува на решението каде стои фирмата на неговиот брат Вице Заев и фирмата каде неговиот прв братучед е член на Управен одбор.

Ова е случај каде Зоран Заев продал земјиште на кое денес таму гради братот Вице Заев. Таму се градат згради а личните заработки се огромни и се бројат во милиони евра, објаснува Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прашува како тоа токму братот и братучедот на премиерот ја добил дозволата да гради на тоа место, дали ги искористил повластувањата на функцијата на Зоран Заев тогаш градоначалник на Струмица, дали тоа не е конфликт на интереси и целосен морална дисторзија.

Тој го повика Јавното обвинителство да испита дали се работи за постапка каде однапред се знае добитникот на парцелата и под кои услови е отстапено правото на градење. Исто така, Јавнто обвинителство треба да го испита и потеклото на парите на Брндевски, околу 700 илјади евра, уплатени на сметката на општината.

-Очигледно криминалниот канцер во државата метастазира, а главни актери се луѓето од врвот на власта. Ова мора да се промени. Доаѓа ново утро. Граѓаните заслужуваат подобро, завршува Мицкоски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top