| четврток, 6 декември 2018 |

Се намалува фондот на часови во второ и трето одделение

Програмата за второ и трето оддление за наредната учебна година останува иста, но со намален фонд на часови. Реформите во основното образование ќе продолжат со цел изградба на конзистентен систем, изјави денеска министерката за образование и наука Рената Дескоска.

– Новите програми за второ и трето се надоврзување на она што значи прво одделение. Со оглед на тоа што веќе програмата за прво одделение ја објавивме и таа значи намалување на обемот на часови и концентрирање на одредени наставни содржини, нивно вообличување во еден предмет. Исто така, менување и на одредени методи на настава. Не може да запре реформата само на прво, туку ќе одиме и понатаму во градење на еден конзистентен систем. Ставени се на јавна дебата, во тек е собирањето на мислења од лицата кои се стручни и компетентни, но не е идејата да влегуваме и во второ и во трето во исто време туку, ќе оди конзистентно. Значи, прво одделение го најавуваме како пилот со цел да ги провериме предностите и слабостите, а потоа во меѓувреме ќе може и програмата за прво одделение да се простудира пред да влезе целосно во сите училишта. А секако во тој поглед ќе можат и во текот на наредната година да се прават одредени измени и за второ и за трето, рече Дескоска, на прашањето што содржат новите програми за второ и трето одделение.

Таа потврди дека останува иста наставната програма за овие две одделенија за наредната учебна година.

– За второ и трето останува старата, со тоа што дадовме насоки во Бирото за образование да се направат одредени измени во делот на фондот на часови, имајќи пред вид дека законската рамка што ја предложивме и ја ставивме на јавна дебата бара намалување на фондот на часови во основното образование, рече министерката Дескоска по промоцијата на специјално издание на Уставот на РМ со Брајова азбука.

МОН на 2 мај ги објави новите наставни програми и планови за 2 и 3 оддление и побара од сите заинтересиранио да се вклучат во процесот на градење на новиот модел за основно образование.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top