| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Тажна е сликата со работничките права во државата, работниците заслужуваат подобро

Дозволете ми најпрво да Ви го честитам 1 мај Меѓународниот ден на трудот, посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното видео обраќање.

– Секој од вас, кој со труд и вистинска посветеност, чесност и макотрпна работа обезбедува егзистенција за себе и своето семејство го има моето највисоко и најдлабоко почитување. Во оваа прилика ќе ми дозволите да ги споменам и илјадниците кои бараат работа што исто така е подеднаков проблем и треба да биде грижа на оваа држава. Унапредувањето на правата на работниците е константен процес во кој клучна улога има владата на една земја, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека денес состојбата со работничките права во државава е загрижувачка.

– Има сериозни информации за непочитување на минималната плата. Недоволно платениот труд исто така преставува проблем кој ги засега работниците. Наспроти ветувањата за зголемување, просечната плата опаѓа, а најсериозно загрозени се земјоделието, рударството и транспортот. Платата не ја покрива потрошувачката кошница на едно семејство. Лошите условите за работа, мобингот на работните места исто така преставуваат сериозен предизвик кој треба да се решаваат. Воедно и најавите за зголемување на границата за старосната пензија, како и дебатата за зголемување на даноците се работи кои ќе се прекршат на грбот на работниците. Алармантно е што и покрај ветувањата пред неполна година дека ќе се најде излез се уште нема решение за вработените во Еврокомпозит од Прилеп и Колска од Велес. Таму платите доцнат со месеци, а трајното решение е се подалеку. Администрација е мета на постојани критики, притисоци и партиски реваншизам од страна на власта. Но во суштина нејзината ефикасност зависи пред се од степенот на способност на менаџерите од институциите, нагласува Мицкоски.

Тој вели дека оваа тажна слика за работничките права мора да се промени. Работниците мора да почувствуваат сигурност и заштита. Тие заслужуваат подобро. Доаѓа ново утро за Република Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top