| четврток, 6 декември 2018 |

Утре изборно собрание на ДПМ

 

Друштвото на писателите на Македонија, утре (сабота) со почеток во 10,30 часот ќе го одржи своето редовното Собрание на кое ќе се избира нов претседател на македонската писателска асоцијација.

Со свои програми, според Статутот на ДПМ, кандидатурите за претседател ги најавија  Соња Стојменска Елзесер, есеист, критичар и книжевен научник, доктор по филолошки науки, професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и  Оливера Доцевска, поетеса и есеист,  правник од Куманово со адвокатска канцеларија во Скопје.

За функцијата претседател на Собранието на ДПМ своите кандидатури со програми ги најавија Христо Петрески, поет, раскажувач, романсиер, и есеист, доктор по филолошки науки, професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА“ во Скопје и директор на издавачката куќа „Феникс“ од Скопје, и Блаже Миневски, раскажувач, романсиер и драмски автор, уредник во секторот за издавачка дејност во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Покрај претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, утре  ќе се избира и Претседателство на ДПМ, како и Собраниски одбор во кој ќе влезат по еден писател од секоја општина во која живеат и создаваат автори, членови на писателската асоцијација. Изборот е за мандат од четири години.

Друштвото на писателите на Македонија годинава одбележува 71 година од своето формирање. Негов прв претседател беше Блаже Конески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top