| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Дух“ во МНТ: Има ли излез од неправдите?

Има ли излезе од неправдите? Колку се качуваме погоре, толку повеќе тонеме. Може ли да се убие дух? Тоа се прашањата кои ги поставуваат драматругот Дејан Дуковски и режисерот Срѓан Јанаќијевиќ во претставатта „Дух“ која премиерно беше изведена синоќа на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).

По „Дракула“ во 2008 и „Силјан Штркот шанца“ во 2016, режисерот Јаниќиевиќ третпат работи текст на Дуковски. „Дух“ е претстава што својата праизведба ја имаше во Српско народно позориште во Нови Сад во 2015, во режија на Александар Поповски. Следната година овој текст повторно беше поставен, но на сцена во Белград во режија на Милан Нешковиќ.

На главниот лик во претставата Александар Мара (го толкува Гораст Цветковски) му е нанесена голема неправда и тој тргнува во борба по своите права. Банката сака да му ја земе куќата поради долг. Неговата професија е шекспиролог, непрофитабилна е, не му носи пари и тој нема гаранција дека може да го врати долгот. Куќата ќе му биде одземена, а на нејзино место ќе се градат згради.

„И сега? И сега што да правам јас во овој квази феудален свет? Да пишувам психодрама или да земам оружје во рака? Сите гинат на крај“ прашува Мара.

Неговото главно оружје е хипнотичката моќ на убедување и вештината на убивање.

Кој е Мара? Револуционер? Занесен поет? Среќен параноик? Мара херој или жртва? Спасител или убица? Мара добриот или Мара лошиот? Мара надеж или Мара смрт? Мара ловџија? Мара зајак пред фарови?

„Убаво е секогаш да се потсети на Шекспир. Треба стално да го цитираме Шекспир. Во нашава приказна или крвава фарса, работите се одвиваат така што извесен Мара се буди од својот Хамлетов синдром и решава да делува. Да исправи нанесена неправда. Тргнува во борба за своите права. „Дух“ мислам дека е претстава која секој човек што ќе седне да ја гледа неминовно ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој што живееме“ вели режисерот.

Во катингот на претставата се и Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.

Сценограф е Велимир Жерновски, костимограф Лидија Георгиевска, а музиката е на Надежда Рубин, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивица Димитријевиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top