Вечерва во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е закажана премиерата на претставата „Дух“ од Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Ова е прва годишна претстава на МНТ која е поддржана од Министерството за култура за 2018, во соработка со „Контрапункт“ и со поддршка од општина Центар.
По „Дракула“ во 2008 и „Силјан Штркот шанца“ во 2016, режисерот Јаниќиевиќ третпат работи текст на Дуковски. „Дух“ е претстава што својата праизведба ја имаше во Српско народно позориште во Нови Сад во 2015, во режија на Александар Поповски. Следната година овој текст повторно беше поставен, но на сцена во Белград во режија на Милан Нешковиќ.
– Направивме една претстава за која верувам дека ќе игра многу долго. „Дух“ мислам дека е претстава која секој човек што ќе седне да ја гледа неминовно ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој што живееме. Сите чувствуваме една суштинска неправда и не гледаме наскоро никаков излез од тој проблем. Колку се качуваме погоре, толку повеќе тонеме. Ете така изгледа претставата. И тој еден момент на немоќ што се чувствува, „Дух“ се обидува да го сруши и да покаже дека можеме да избориме нов пат – вели режисерот.
Гораст Цветковски ја толкува главната улога – Александар Мара или Духот, а покрај него играат Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.
Сценограф е Велимир Жерновски, костимограф Лидија Георгиевска, а музиката е на Надежда Рубин, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивица Димитријевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.