| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера во МНТ: „Дух“ – претстава за неправдата од која нѐ гледаме излез наскоро

Претставата „Дух“ од Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ во вторник премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар на големата сцена.

Режисерот Јаниќијевиќ на денешната прес-конференција рече дека ова е прва претства на МНТ која е поддржана од Министерството за култура за 2018, во соработка со „Контрапункт“ и со поддршка од општина Центар.

– Секој човек кој ќе дојде да ја гледа оваа претстава ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој живееме – сите чувствуваме една суштинска неправда и не гледаме излез наскоро – рече Јаниќијевиќ.

Според него, ова е претстава која е преполна со многу силни емоции и со хумор.

Тој верува дека оваа претстава ќе игра многу долго, а за актерската екипа рече дека е прекрасна. Според него, текстот на Дејан Дуковски е поразличен од се што напишал досега, а можеби и еден од најдобрите.

Гораст Цветковски рече дека неговиот лик некои го викаат и анти Хамлет, а тој е еден урбан херој кој ја зема правдата во свои раце и тргнува со сите кои му имаат погрешено.

Гораст Цветковски ја толкува главната улога – Александар Мара или духот, а покрај него играат Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски. Сценограф е Велимир Жерновски, костимограф Лидија Георгиевска, а музиката е на Надежда Рубин, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивица Димитријевиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top