Германката Сабине Лисицки е вистинска енигма на Вимблдон за шампионките од Ролан Гарос, а има неверојатна низа од 4 елиминации на носителките на круните од Париз, во последните 4 сезони. Двата гранслем-турнири се играат со пауза од две недели, а кај дамите стана веќе правило дека треба да се избегне Лисицки за противничка особено ако сте ја освоиле титулата на Ролан Гарос.
На своја кожа тоа најдобро го почувствува и Серена Вилијамс, по вчерашниот пораз од Сабине со 1-2 во сетови. Американката победи на Ролан Гарос и налета на Германката што ја чинеше елиминација, прекин на серија од 33 победи и стоп во мисијата да се одбрани трофејот од лани на лондоснкиот гранслем.
Лисицки ја почна серијата елиминации на шампионките од Париз во 2010 кога ја победи Фраческа Скјавоне, а продолжи следната година со елиминација на На Ли. Лани и на волеј ѝ налета Марија Шарапова, а годинава падна и Серена. Серија за почит и можеби и за прв трофеј на гранслем-турнирите. Лисицки нема титула од четирите највредни тениски турнири, а во четврт-финалето денеска ќе игра со Каја Канепи, а потоа со подобрата од дуелот Стивенс и Бартоли. Лисицки има отворен пат до финалето и убава шанса да слави на Вимблдон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


