| четврток, 6 декември 2018 |

„Тропико бенд“ пред концертот в сабота со нова песна и спот (видео)

До најавениот аудио-визуелен концертен спектакл на еден од најдобрите бендови од соседството, Тропико бенд, закажан во сабота на 28 април во ВИП Арената „Борис Трајковски“, а во организација на Скај мјузик, остана уште малку.
Концертот ќе стартува во 21 часот, а прв на сцената ќе застане, односно за загревање на атмосферата ќе се погрижи еден од официјалните диџеи на бендот. Гостинка, пак, на Тропико бенд на овој прв скопски солистички концерт ќе им биде Лина Пејовска, девојчето кое беше дел од Пинковите ѕвезди во времето кога токму фронтменот на Тропико, Александар Цветковиќ- Сале беше дел од жирито. Лина ќе застане на големата сцена токму на покана од Сале, кој е воодушевен од нејзиното пеење.
Скопскиот концерт, инаку следува по спектакуларните настапи во преполната Белградска арена и сараевската Скендерија, а и овој пат за комплетната организација е задолжена Скај мјузик од каде најавуваат неверојатен аудио-визуелен спектакл. А токму она што го видоа фановите на споменатите два концерти ќе се случува и во Скопје.
Инаку, деновиве во пресрет на гостување во Скопје момците промовираа уште една песна, односно соработката со Џенан Лончаревиќ со наслов „Синови таме“ за која видеото го режираше нивниот пријател и еден од најдобрите српски актери од помладата генерација Вук Костиќ.
Билетите за скопскиот концерт може да се набават преку мрежата на Купикартизасе и во Југотон, а освен влезници за партерот и трибините, може да се набават и ВИП пакети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top