| четврток, 6 декември 2018 |

„Тропико бенд“ пред концертот во Скопје: Се во животот се мести како што треба

После концертот во белградска Комбанк Арена пред 20. 000 посетители, момците од „Тропико бенд“ закажаа гостување и во Скопје. Дружењето со македонската публика е закажано на 28 април, со почеток во 21 часот во ВИП Арена “Борис Трајковски”.

Влезниците се пуштени во продажба од 1 март, а на концертот кој ќе биде незаборавно аудио-визуелно доживување, ќе ги изведат најголеми хитови на бендот како “Све моје зоре”, “Заувек твој”, “Параноја”… Престојот во Скопје го искористивме за разговор со нив…

Каков ќе биде концертот во Скопје на 28 април? Што да очекува публиката?

-Концертот ќе биде супер, баш како белградскиот. Нема да има трапез, размислуваме за некои други изненадувања, но ќе видиме.

Кога сме кај изненадувањата, ќе има ли изненадувања за публиката?

-Секако дека ќе има, но да не објавуваме толку рано. Нема да биде Цеца.

Ќе дојде ли можеби Џенан Лончаревиќ?

-Сеуште се договараме, бидејќи и тој има свој распоред и треба да се вклопиме во тоа. Ќе има предгрупа и за тоа ќе ве известиме навреме.Ни излезе новата песна со Џенан и размислувавме, чекавме добар момент за да ја пласираме и оценивме дека сега е добар момент пред концертот во Скопје така што публиката ќе има време да ја слушне песната и да го види спотот.

Каков е Вашиот впечаток за односот на публиката во Македонија?

Благодарение и на сите вас, на медиумите, имаме добар одглас од публиката, особено овде кај вас. Секако, секогаш важи она „Публиката или те сака, или не те сака“ но во Македонија секогаш кога доаѓаме важи првото. Синоќа објавив фотографија на социјалните мрежи дека сум во Скопје и настана колапс. Следуваа прашања, коментари од типот „Купив карта за партер дали може да се смени за ВИП“, или „Се сеќавата ли кога јас и мојата другарка бевме на концертот во Велес“…

Дали сте размислувале некогаш да направите некој проект со групата „Амадеус“?  И двете групи се од Лесковац, па можеби дошло до некаква идеја за соработка…

-Никогаш не сме разговарале за такво нешто.

Да не се скаравте?

-Не не сме се скарале, се разбира. Ние се дружиме, кога можеме, кога имаме време, но никогаш не сме ја допреле таа тема.

Групата „Амадеус“ се појави пред вас, дали тие ви беа можеби пример?

-Тие ни се браќа и многу ни помогнаа. Тие се потекнуваат исто така од Лесковац како и ние и кога почнувавме да градиме кариера, на самите почетоци, тие ни помогнаа. Јас и нивниот фронтмен бевме цимери и се знаеме подолго време.

И никогаш не сте направиле дует?

-Никогаш. Ете можеби не дошло време за тоа. Тие работеа со некои други пејачи, а ние пак со други и не се споивме.Едноставно никогаш не сме разговарале за тоа, но ете ова не е лоша идеја. Знаете обично кога потекнуваат музичарите од ист град, како ние со членовите на „Амадеус“ од Лесковац, тие заедно пејат, а потоа ќе се скараат кој подобро пееше, кој подобро свиреше, така што можеби вака е подобро. Ние работиме со музичари од Пријепоље, Житораѓа, Јужна пруга…

Пред концертот промовиравте и спот со актерот Вук Костиќ. Вук е ваш редовен соработник, ќе се промени ли во некој следен спот и како дојде до соработка со него?

-Вук режира и глуми, а јас и Џенан се појавуваме со бендот помалку. Тој како режисер е одличен, направи цел филм од спотот, баш нешто што е уметност. Има една песна која ја работевме и немаше инспирација за текстот и се советуваше со мене, а јас му реков, напиши што сакаш, што мислиш дека треба да напишеш. Помина извесно време и тој го прати текстот, а јас кога го видов му се јавив да го прашам „Човеку што ти стана?“. А тој ми вели, па доста е од љубовни текстови, а околу нас се убиваат секој ден. И така ја напиша песната „Синови“ за луѓето од другата страна на законот. Размислувавме што да правиме со таа песна. „Синови“ стоеше долго време, а бидејќи беше напишана за дует го повикавме Џенан Лончаревиќ и најпрвин се обидовме да го промениме текстот во љубовен, но сфативме дека оригиналната песна е многу поавтентична, подиректна и подобра и има голема тежина. Кога го снимавме спотот за песната, воопшто не размислувавме кој ќе биде главен протагонист. Кој друг ако не Вук. Од „Убијците на мојот татко“ тој создаде лик кој беше најадекватен за таа улога. И во 2011 на „Ќе мислам на тебе“ ја снимаше Вук повторно, и на сите ни е драго на таа соработка и се надевам дека спотот кој наскоро ќе го видите ќе ви се допадне.

Сите кога ќе дојдат во Македонија се воодушевуваат од македонската храна. Имаш ли омилено јадење во Македонија?

-Да, да се разбира. Сирење биено на скара, пиџур…се. Кога доаѓам во Македонија секогаш се враќам со зголемена килажа. Минатиот пат дојдов со 70 килограми, си заминав со 74. И Лесковац е познат по своите специјалитети, но во последно време некако не ми се по вкус, па одам во Заечар да се најадам. Но, затоа овде нема промашување. Секогаш се е вкусно.

Имате ли некакви планови за летото? Каде ќе настапувате?

-Стандардно настапуваме на море. Имаме концерти во Црна Гора, но ќе дојдеме и во Охрид-имеме еден настап. Минатата година бевме во Дојран и се запознавме со Благоја Истатов. Поминавме прекрасен ден со него во неговиот хотел, не запозна со неговата кариера, бидејќи ние бевме мали кога тој беше спортски херој, а ни дозволи и да вежбаме во фитнес центарот во неговиот хотел, бидејќи јас и Пеџа тогаш вежбавме секој ден а во Дојран не можевме да најдеме фитнес-центар… Ете тоа беше една убава епизода од минатото лето.

Ќе изведете ли некоја македонска песна на концертот?

-Размислуваме и за тоа, се советуваме со колеги…еве кажете некој предлог. Една е сигурна „Игри без граници“ од Тоше, а за другите две ке одлучиме непосредно пред концертот. Ја сакам „Море сокол пие“, но не знам дали ќе наиде на добар прием кај публиката.

Колку песни ќе изведете на концертот на 28 април? Колку ќе трае настапот?

-Па некаде два два и пол часа сигурно. Сеуште не ни е сигурно доаѓањето на Џенан, но времетраењето ќе биде во тие рамки. Секако ветуваме дека ќе има добра забава и убав концерт.

Имате ли трема пред настапите?

-Сеуште не ме фатила трема. Ќе ви раскажам кога почнавме да правиме концерти почнавме со Сараево пред три години. Знаете какви се сарајлии тие ви велат: Ааа знаете каква е публиката кај нас, или ќе ве прифати или нема да ве прифати“. Па им викам па зарем не важи секаде тоа правило, но тие имаат онака некако став дека тие се над сите и не попуштаа, кај нив не поминува се. Но, тој концерт помина одлично, а салата има ист капацитете како оваа во Скопје, „Борис Трајковски“, околу 10.000 луѓе. Поубави се овие новите сали, некако е потопло за контакт со публиката, повеќе викаат. Во останатите сали додека слушнен како пее публиката, додека ти се врати ехото…поминува време. Ги слушаш тие пред тебе, а тие горе што пејат дури на снимките ги слушаме потполно. Дури по концертот ќе видиш колку всушност луѓето пееле на концертот.  Но, што се однесува на тремата, кога еднаш ќе го преживееш „Сава центар“ после веќе се е лесно. Таа сала е како амфитеатар, луѓето се од тебе па нагоре и те фаќа страв од сето тоа како ќе помине. Таму се спуштив со сајла. Од горе сето тоа изгледа огромно, ме спуштија на сцена и јас треба веднаш да зачекорам и да пејам, а мене нозете тешки сто тони и првиот стих тивко го отпеав. Секогаш првиот стих трае пет минути. Сам си велев во главата човеку што ми е, здрав сум, прав сум…, ама тоа е трема. Тоа е природна појава. Тешко ми е во градите, во нозете…

Дали некогаш твоите деца биле на вашите концерти?

-Хелена беше во Белград. Денеска е точно две години од концертот во „Сава центар“. Поголемата ќерка беше на концерт, а помалата беше во стомакот на мајка и. Таа е родена на 18 април. Сопругата беше во болница пред породување со царски рез и докторот рече да му го натовариме уште породувањето на глава во оваа гужва и многу сум му благодарен за тоа. Се во животот се мести како што треба.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top