| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија со „Дивата круша“ на Канскиот филмски фестивал

Преку „Сестри и брат Митевски продукција“, Македонија во најновиот филм на Нури Билге Џејлан , „Дивата круша“, ќе учествува во главната програма на Канскиот филмски фестивал. Премиерата е закажана на 18 мај.

„Дивата круша“ е комплексна копродукција помеѓу седум земји, Турција, Франција, Германија, Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска копродукција и со поддршка од „Еуримаж“. Македонија беше првата земја која се вклучи во овој голем проект. Ова филмско остварување е поддржано како малцински проект од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија со 5.500.000 денари. Целиот буџет на филмот е 2.900.000 евра. Агент за продажба на филмот е француската компанија „Мементо“.

Нури Билге Џејлан е еден од најголемите европски и светски автори. Тој својата кариера ја почнува со краткиот филм „Коза“ кој во 1995 година е претставен на Канскиот филмски фестивал. Со својот трет филм „Узак“ добива гранд при и наградата на надобар актер во 2003. Со следниот филм во 2006, „Годишни времиња“, ја добива „Фипресци“ наградата повторно на Канскиот филмски фестивал. Во 2008 година ја добива канската „Златна палма“ за најдобра режија за филмот „Три мајмуни“, за во 2011 со „Било некогаш во Анатолија“ повторно да добие гранд при за во 2014 со „Зимскиот сон“ да добие Златна палма за најдобар филм. Тој е секако еден од најуспешните режисери во историјата на Канскиот филмски фестивал. „Дивата круша“ е негов шести филм на Канскиот филмски фестивал.

– За мене како продуцент нема поголем успех од тоа да соработуваш со автори од овој ранг, да воспоставиш континуирано присуство на најголемите фестивали, да бидеш дел од врвни уметнички проекти. Со филмовите на Теона некако се воспостави традиција и сме постојани учесници на Берлинскиот филмски фестивал, со копродукциите, пак, воспоставуваме редовност на Канскиот фестивал и ова се огромни успеси за нашата кинематографија. Прекрасно е чувството кога настапувате на највисоките, најзначајните, најпрестижните фестивали наместо да се прпелкате по остатокот – истакна Лабина Митевска.

Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија го поздрави успехот на македонската продукција истакнувајќи дека филмот како највлијателен и најдиректен во културата се покажува како еден од најголемите адути кога се обидуваме да ја отвориме европската врата.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top