По пауза од две години, еден од најистакантите македонски композитори, Дуке Бојаџиев, кој долги години живее и работи во Њујорк, повторно ќе настапи пред македонската публика со два последователни концерти во Скопје на 11 и 12 мај во новиот објект на Македонската филхармонија. Коцертниот настап ќе биде реализиран во соработка со Министерството за Култура и „3Гонга”. Во рамките на целовечерниот концерт со наслов „СОН ВЕРБА ЉУБОВ“, Бојаџиев ќе настапи со авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов, како и дел од неговото поново филмско творештво.
Дуке (пијано и вокал) ќе настапи со тим од врвни музичари. Покрај него, специјален гостин ќе биде Тијана Дапчевиќ, понатаму, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, на кларинет Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.
Дуке Бојаџиев од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера Дуке има креирано музика за многу филмови и соработувано со неколку добитници на Оскар, меѓу кои режисерите Џонатан Деми за филмот „А Мастер Билдер“ и Данис Тановиќ за филмот „Пекол“, како и со Рајко Грлиќ за филмот „Устав Републике Српске“, со Столе Попов на „До Балчак“ и „Војната заврши“ на Митко Панов. Во моментот работи на филмот „Бегство кон морето“ на Вељко Булајиќ, кој е во постпродукција. Меѓу големата лепеза филмови има работено и на филмовите „Тајниот живот на Волтер Мити“ во режија на холивудскиот актер Бен Стилер и „Ветување“ со Кристијан Бејл и Оскар Ајсак во главните улоги.
Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како Пежо, Ланком и Лореал, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и Телепоп мјузик, а има настапувано во светски дворани, меѓу кои, Карнеги Хол во Њујорк, Авалон театар во Лос Анѓелес и Античкиот театар во Охрид. Соработувал и со пеачката Ангела Мекласки, филмскиот композитор Пол Кантелон, холивудската актерка Џина Гершон и со продуцентот и аудио инженер на британскиот бенд Д Продиџи, Нил Меклелан.
Билетите ќе бидат во продажба од 16 април на билетарницата во Македонската филхармонија и на http://mktickets.mk/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.