Во ноќниот клуб Станица 26, синоќа беше промовиран најновиот студиски албум со наслов „Синергија“ на македонскиот музичар и композитор Дуке Бојаџиев, кој живее и работи во Њујорк. Синергија пред само неколку денови официјално се појави на сите центри за дигитална дистрибуција како Spotify, Apple Music... Може веќе да се преслуша и на неговата веб страница, www.dukeb.com
Од вокали на албумот најприсутен гостин е Ишмаел Фернандез (Ismael Fernandez) на 6 нумери, интернационално етаблиран фламенко пеач од Андалузија, Шпанија, 4та генерација фламенко пеач од познатата фамилија Фернандез (“La Familia Fernández”), а ова му е прва соработка надвор од водите на традиционалната фламенко музика.
Даниела Тошиќ е пеачка со потекло од овие простори, која долги години живее и работи во Бостон. Специјализирана за пеење на црковна музика од 12ти до 15ти век, Даниела е една од ретките во светот, која до совршенство ја негува и изведува музиката на Хилдегард Вон Бинген (1o98 г. – 1179 г.), првата жена композитор запишана во аналите на историјата. Даниела е вокален гостин на 3 нумери.
На една нумера („A Moment of Happiness“) гостува индиската пеачка и актерка, Прија Даршини (Priya Darshini), која целиот живот го негува традиционалното индиско пеење, а после голема кариера во Индија се доселува во Њујорк, каде работи на интернационалната сцена. На истата нумера таа е придружена од холивудскиот актер, легендарниот Иан Букенан (Ian Buchanan) со нарација на парче поезија од Руми. Неговиот глас беше многу присутен во албумското издание „Love is The Way” на Бојаџиев, од каде и почна нивната соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.