Постапката на Комисијата за верификација на факти против академик Славко Јаневски е удар однатре врз македонскиот национален идентитет, уставниот и правниот поредок на Република Македонија, оцени Македонската академија на науките и уметностите. Од МАНУ бараат Комисијата да ја поништи донесената одлука иако, стои во нивното соопштение, тоа нема да биде доволно за да се поправи нанесената штета.
– Одлуката на Комисијата претставува за правото непознат чин на водење правна постапка против починато лице од државен орган, и е основа за сомневање дека нејзин мотив може да претставува ставот на негација на македонската самобитност и на начелата на демократската правна држава. Македонската академија на науките и уметностите смета дека објавувањето на одлуката на Комисијата за лустрација на академик Јаневски е спротивно на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност, (чл.33), кој изречно забранува објавување податоци за починати лица – стои во реакцијата на МАНУ.
Академијата посочува дека Славко Јаневски е еден од основоположниците на современата македонска книжевност и култура и на Македонската академија на науките и уметностите, чиј опус во целост е посветен на историскиот опстанок на Македонија и македонскиот народ и одамна ги има надминато границите на нашиот културен простор, афирмирајки ја македонската литература, култура и јазик во светот.
МАНУ смета дека Собранието на Република Македонија треба да ја преиспита законската регулатива на лустрацијата заради нејзино усогласување со Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човековите права и стандардите развиени од Европскиот суд за човекови права, во согласност со препораките и критичките забелешки на Советот на Европа, ЕУ, Венецијанската комисија и други компетентни меѓународни тела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.