| четврток, 6 декември 2018 |

Кина ја покажа моќта: Најголемата смотра на кинеската морнарица (ФОТО+ВИДЕО)

Кинескиот претседател Си Џинпинг ја демонстрираше целата моќ на кинеската морнарица во досега најголемата парада на морнарицата во историјата на земјата, со што Кина ја заокружи дводневната воена вежба во спорното Јужно Кинеско Море.

Си во воена униформа, од палубата на разорувачот, ја одржа смотрата на вкупно 48 воени бродови, 76 авиони и повеќе од 10.000 војници и морнари во близина на пристаништето во Санја во Јужното Кинеско Море, што инаку е предмет на територијален спор на Кина и нејзините соседи.

За воените амбиции на Си сведочи фактот дека повеќе од половина од бродовите кои учествуваа во смотрата се изградени во последните пет години, откако овој се помоќен кинески лидер дојде на власт. Меѓу бродовите беше и авиопревозникот Лиаонинг, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Додека претходно морнарицата на земјата во поголема мера била дефанзивна и оградена на нејзините непосредни крајбрежни води, денес таа може да се пофали со значителни способности во „сината вода“, што значи дека може да проектира сила во области како што се Индискиот и Тихиот Океан.

Си ја повика својата морнарица да остане будна, да ги чува националните интереси и да го зајакне водството на Комунистичката партија, според изјавата објавена вчера од страна на Министерството за одбрана. „Задачата за изградба на моќна морнарица никогаш не била толку голема како денес. Ние непоколебливо ќе ја забрзаме модернизацијата на нашата морнарица и ќе се стремиме од неа да изградиме морнарица од светска класа“, рече Си во говорот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top