Алијансата за Албанците не се враќа во Владата, најавија од партијата на Зијадин Села, по седницата на Централното собрание што се одржа во Кичево.
Од партијата велат дека на ниту еден начин нема да бидат дел од некоја нова владина гарнитура, на која нема да и претходи парламентарен изборен процес.
– Оваа едногласна одлука на Алијансата се заснова на индикациите дека оваа владејачка гарнитура не е доволно убедлива во својата заложба за радикални реформи во земјата, а особено нејзината индиферентност околу спроведувањето и примената на принципите и функционирањето на владеењето на правото, велат од партијата.
На Централното собрание е донесен и заклучок дека Алијансата за Албанците ги поддржува напорите и ги охрабрува меѓународниот фактор и македонската Влада да го решат проблемот со името, но потсетува дека било кој предлог за името треба да биде меѓународно преведен и никако не треба да асоцира еднострано – само на јазикот и писмото на една одредена етничка заедница во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.