Второстепениот суд ја потврди пресудата на првостепениот, Основниот суд Скопје 2, и ја отфрли жалбата на тужителите Коце Ристовски и Ванѓа Ристовска како неоснована.
„Цареви кули“ е дивоградба легализирана на криминален начин со потпис на Зоран Заев, во тоа време, 2013 година, градоначалник на општина Струмица. Текстовите за оваа криминална афера објавени во неделникот „Република“ во 2016 година не се предмет на „навреда и клевета“, како што сакаше да се прикаже, туку текст поткрепен со документи, којшто ја запознава јавноста со начинот на којшто работи општината, пресекоа и судиите на Основен суд и од Апелациониот суд.
„Цареви кули“ е криминал на општината за која јавноста треба да знае
Легализацијата на „Цареви кули“, угостителско-хотелскиот комплекс над Струмица, со потпис на Зоран Заев како градоначалник, е нелегален чин. Комплексот „Цареви кули“ е граден на државно земјиште по донесување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој стапи на сила на 1 март 2011 година. И Првостепениот суд и Апелацискиот суд ги одбија поднесоците дека се работи за навреда и клевета, со што судот ги потврди наводите на „Република“, пишувани во повеќе наврати во неделникот „Република“, во кои, врз основа на докази, е покажано дека се работи за класичен криминал и корупција во општина Струмица, раководена во тоа време од Зоран Заев како градоначалник.
Поедноставно, законот стапува на сила на 1 март 2011 година (објавен во Сл. весник бр. 23 на 24 февруари 2011 година), а резервирано е бројче за легализација на дивоградба откако законот стапил во сила. Во моментот кога законот стапува на сила, на парцелата нема никаков објект.
Иако законот се однесува на објекти целосно изградени пред 1 март 2011 година, „Цареви кули“ почнува да се гради по 1 март 2011, а врз основа резервираното бројче, објектот е легализиран со потпис на Зоран Заев во својство на градоначалник на општина Струмица, на 3 јули 2013 година.
Аболираниот Заев го легализира криминалот во Струмица – јавноста очекува реакција на институциите
Во првостепената пресуда Судот смета дека „пред се акцентот е ставен на несовесноста на работата на Органите на локалната самоуправа во Струмица“, а со тоа „работата на локалната самоуправа е прашање од јавен интерес и граѓаните треба да се запознаени и имаат право да знаат како работи Локалната самоуправа“.
Првостепена пресуда Коце и Ванѓа Ристовски – Прва Република ТУКА
„Судот е на мислење дека од страната на „Република“ се објавени фотографии од кои јасно може да се види дека едната фотографија е од 10 март 2011 година, фотографирана преку апликацијата Gооgle earth, објектот не е ниту почнат со изградба, додека на другата фотографија од ден 4 септември 2013 година исто фотографирана од истата апликација, комплексот „Цареви кули“ е веќе изграден“, стои во решението на судот каде се додава дека не се работи за навреда и клевета.
Ваквата одлука ја потврди и второстепениот суд, Апелациониот суд Скопје, кој вели дека жалбата е неоснована.
Второстепена пресуда – Коце и Ванѓа Ристовски – Прва Република ТУКА
„Обжалената пресуда е јасна и разбирлива со доволно причини за решителните факти“, па потоа се додава „Неоснован е жалбениот навод за погрешно и нецелосно утврдена жалбена постапка“.
„Цареви кули“ – случај којшто ја стресе Струмица под Заев
Документите и фотографиите до кои дојде „Република“ покажуваат дека струмичкиот градоначалник Зоран Заев со решение легализирал објект – хотелски комплекс кој е изграден по законскиот рок од март 2011 година. Повторно, се работи за бизнисмен кој му е добро познат на Заев и општинската администрација како сопственик на компанија која често добива општински тендери. Откако со Законот за легализација го реши проблемот со „Глобал“, за кој беше помилуван, го злоупотребува ли Заев сега законот и за своите соработници? – Ова е случајот Цареви кули што „Република“ го објави во јули 2016 година. По ова следуваа низа негодувања, тужби за клевета…
За што се работи во „Цареви кули“?
Со потпис на струмичкиот градоначалник Зоран Заев хотелскиот комплекс „Цареви кули“ е легализиран на 3.7.2013 година. На решението за утврдување правен статус на бесправен објект стои дека извесен Ристовски Коце од Струмица поднел барање со определен број од 3.9.2011 година за легализација на хотелскиот комплекс, поткрепено со геодетски елаборат за посебни намени, со четири згради од кои првата со стан заведен со број 1 на приземје од 260 квадратни метри, помошна просторија од седум квадратни метри и стан број 2 на кат со површина од 222 квадратни метри.
Втората зграда има два стана со станбена површина од 20 и од 15 квадратни метра, третата зграда има пет стана со од 15 до 20 квадратни метра, додека зградата со број 4 има станбена површина од 16 квадратни метри. Сите тие се на приземје.
Или, според документот за легализација, барателот Ристовски Коце од Струмица поднел барање за утврдување правен статус на бесправни објекти, хотелски комплекс, означени во геодетскиот елаборат како зграда бр. 1 со висина П+1, приземје и кат, и зграда бр. 2, 3 и 4 со висина П (приземје), со намена Б5 – хотелски комплекси, на КП бр. 7895/2 во КО Струмица, запишана во имотен лист бр. 14614, со вкупна површина од 645 квадратни метри.
Според Решението, барателот донел и геодетски елаборат, сметка за платена електрична енергија од 28.2 2011 година од ЕВН Македонија; потоа имотен лист за парцелата, сопственост на РМ, а со право на користење на ЈП за стопанисување со пасишта – Скопје. Меѓу поднесените документи се наведени и Записник од увид на самото место од 23.1.2013 година, Одлука на Советот од 6.6.2013 година за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација за усогласување на намената на земјиштето, како и Урбанистичка согласност од 27.6.2013 година. Градоначалникот на општина Струмица, по разгледување на приложената документација, констатира дека се исполнети условите за донесување решение за утврдување правен статус на бесправниот објект, стои на своерачно потпишаниот документ од Зоран Заев, на ден 3.7.2013 година.
И сето тоа би било фер и нормално, доколку во Законот за легализацијана дивоградбите не стоеше делот дека предмет на легализација може да бидат објекти што се изградени, односно постоеле пред 1 март 2011 година. Или прецизно, како што стои во законот, услов е објектот што треба да се легализира да е изграден заклучно со 3 март 2011 година.
Го потврди ли Општина Струмица криминалот на Заев со „Цареви кули“? (видео)
И после пишувањата на „Република“ на локацијата се работи. И додека се водеше судскиот спор меѓу сопствениците на „Царевиу кули“ и „Република“, снимките на Google earth од 9 јули 2016 и 9 април 2018 година покажуваат дека продолжило сечењето на шумата, па можноста да се гради нов објект на тоа место не е исклучена.
Заев заборави на Гугл мапс кога се градеа Цареви кули, а сега го заборава народот кој ќе го казни
Дали конечно надлежните институции ќе го испитаат случајот „Цареви кули“ и ќе проверат дали при легализацијата на овој објект се почитувани сите законски одредби?! Ќе спроведе ли истрага Финансовата полиција, Градежната инспекција, Катастар, Обвинителство… Ќе се утврди ли дали навистина легализацијата на објект направен по март 2011 година е легализиран според законски одредби кои важат за објекти изградени до март 2011 година?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.