| четврток, 6 декември 2018 |

Археолошки истражувања на средновековна црква под Цареви кули

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на култура Струмица ги реализираа заштитните археолошки истражувања на средновековната црква во подножјето на Цареви кули, Струмица. Цел на истражувањата, кои со поддршка на Министерството за култура ќе продолжат и оваа година, беше откривање на целосниот габарит на црквата и следење на фазите на нејзината изградба, како и откривање на просторните, архитектонските и културолошките карактеристики на објектот и утврдување на стратиграфските слоеви и хронологијата.

20151106_144414_resized_1

Црквата во подножјето на Цареви кули била дел од урбаното јадро на средновековна Струмица, а според архитектурата, како и скромното сликарство, датирана е од периодот од крајот на XIII  и XIV век. Со ископот се дефинираа димензиите на црквата, која била со должина од 10,20 метри и ширина 5,90 метри, а станува збор за еднокорабна црква. Со истражувањата беа откриени три влеза, главниот на западната и два споредни на јужната и на северната страна, а според потребите, тие во одредени временски периоди биле затворани (заѕидувани). На влезната партија на западната страна, археолозите наидоа на фрескоживопис во „in situ“ положба, кој е со претстави на стилизирани флорални мотиви.

20151106_144528_resized

Имајќи го предвид фактот дека досега откриените сакрални градби во градот: Св.15 Тивериополски Маченици и црквата во старото урбано јадро на Струмица, под темелите на Орта џамија, се дел од духовно–уметничкиот развој на средновековната култура на Струмица и пошироко,  овој сакрален објект бил една од алките кои ја надополнуваат христијанската традиција на градење сакрални храмови.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top