Драматичните настани во соседството на Македонија. Албанските аналитичари сепак сметаат дека тензиите во Косово се користат за замаглување на договорот за демаркацијата со Црна Гора, пишува Блерим Исмаили за „Независен весник“.
Ситуацијата предизвикана од приведувањето и протерувањето на директорот на српската канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, постепено се смирува, но претходно предизвика големи реакции во Косово, Србија, ЕУ и во САД.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, по средбата на Советот за безбедност изјави дека бил запознаен за акцијата што ја спроведе специјалната единица во Митровица и дека владата немала друг избор освен да ја поддржи.
„Министерството за надворешни работи донесе одлука посетата да биде одложена и ако Ѓуриќ почекаше 72 часа, без проблем ќе можеше да влезе на Косово. Бев информиран секој момент што се случува и не ни беше оставена друга опција освен да ги почитуваме нашите закони. Одлуката за излегување на Српската листа од владата не е во корист на ниедна страна и мислам дека ова не е во општиот интерес на Србите во Косово. Само преку институциите може да се унапреди нивниот интерес и се надеваме дека тие наскоро ќе се вратат во парламентот“, рече Харадинај.
Преку соопштение се огласи и претседателот на Косово, Хашим Тачи. Тој побара да се почитува духот на дијалогот меѓу двете земји, но рече дека не може да сфати како дошло до оваа ситуација кога институциите на Косово се подготвуваат да дебатираат за Задницата на српските општини.
„Токму на денот кога институциите на Косово ги формираа работните групи кои ќе соработуваат со менаџерската екипа и Мисијата на ОБСЕ во Косово за драфт-верзијата на Заедницата на српските општини, се случи оваа провокација од Србија. Апелирам да се почитува и зачува духот на дијалогот меѓу Косово и Србија и да останеме фокусирани во изградбата на добро соседство и на нормализација на односите“, напиша Тачи.
За американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, настаните во Митровица и притворот на Марко Ѓуриќ се голем чекор назад за двете земји.
„Настаните во Митровица претставуваат голем чекор назад. Се надевам дека ќе надвладеат студените глави и ќе се овозможи смирување на ситуацијата. Дијалогот нема алтернатива и овозможува мирен соживот на сите народи на Балканот“, напиша Скот на социјалните мрежи.
Портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, освен што повика да се смират тензиите и да се спречи каква било ескалација на политичката ситуација во Косово, порача дека ЕУ е против вакви спектакуларни акции.
„Ги повикуваме и двете страни, Косово и Србија, да покажат воздржаност и сериозност со цел смирување на ситуацијата и истата да не ескалира повеќе. ЕУ остро ги осудува последните настани кои одат против нормализација на односите, и од Србија која е во процес на преговори за членство во ЕУ, но и од Косово, кое го применува Договорот за стабилизација и асоцијација, очекуваме дека во целост ќе ги почитуваат договорите за дијалог“, пишува во соопштението што Коцијанчич го сподели со новинарите. Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Федерика Могерини, пак, поради последните настани во Митровица дојде во итна посета на Белград.
Притворот на Ѓуриќ предизвика големи и бурни реакции во Србија. Српските медиуми излегоа со бомбастични натписи. Српскиот весник „Ало“ инцидентите во Митровица ги нарече „Драматични сцени во Митровица, Тачи објави војна“, додека пак „Новости“ со наслов: „Напад од Приштина. Албанците го нападнаа северот на Косово“. Ѓуриќ, еден ден откако беше протеран, за инцидентот рече дека е брутален напад од страна на албанските сепаратисти врз Србите што живеат во Косово, и тоа со поддршка на одредени групи на меѓународната заедница.
Во знак на протест и револт, Српската листа ја напушти владината коалиција и лидерот на партијата Горан Ракиќ најави дека на 20 април ќе се формира Заедницата на српски општини. Сепак, домашните албански аналитичари во изјава за „Независен“ уверуваат дека притворот и протерувањето нема потенцијал да предизвика посериозни политички и безбедносни потреси во Косово бидејќи и двете држави имаат заедничка стратегиска цел, а тоа е членство во НАТО и во ЕУ.
Аналитичарот Иса Спахиу, освен што изјави дека секој функционер од Србија треба да ја почитува независноста на Косово, сепак не ја исклучи можноста ова сценарио да било испланирано со цел косовската влада да ја придобие довербата на народот која во голема мера ја изгуби по гласањето во законодавниот дом за договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
„Ова е уште еден обид на Србија да провоцира. Сега треба да се види дали Ѓуриќ ја испланирал посетата сам со своја глава, дали тоа го направил за политички поени на неговата партија или таа посета била планирано од страна на српската влада Србија. Јас мислам дека секој функционер од Србија треба да ги почитува законите и правилата на Косово, од причина што Косово е суверена и независна држава. Овој инцидент е сличен на инцидентот со возот кој тргна за Косово. Секако, овој инцидент може да се поврзе со фактот дека владата на Косово се обидува да ја придобие назад довербата на народот или да направи политичка еуфорија која би била од интерес на премиерот. Но, од друга страна, не знам колку ова е интерес на српската влада или колку истиот настан бил испланиран од двете влади, во Косово и Србија. Реално, тука има политичка придобивка за актуелната косовска влада, но ова ми наликува на чекор што секој премиер мораше да го преземе“, рече Спахиу.
Џелал Незири: Приштина покажа контрола на границата
„Подолг период во Косово патуваат високи функционери од Србија и ова не е регулирано според законите на Косово. Затоа, под притисок однатре, откако се изгласа демаркацијата на границата со Црна Гора, косовските власти како да беа принудени да докажат дека имаат контрола над цела државна територија, вклучувајќи го и северот од Митровица. И затоа се решија да преземат акција, а подоцна и да го протераат функционерот од Србија, Марко Ѓуриќ. Јас не мислам дека оваа акција е спроведена без притоа да биде консултирана меѓународната заедница, која има големо присуство во Косово. Косовската политика не може да прави вакви големи чекори без притоа да се консултира со меѓународната заедница. Значи, ова претставува еден обид да се реши овој проблем преку комуникацијата меѓу двете држави. Но проблем е што Србија не ја признава независноста на Косово и не сака од косовските власти да земе дозвола за официјални посети на начин што е регулиран со конвенции и закони. Главниот проблем од друга страна е што овој инцидент доаѓа во момент кога има нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, во момент кога Србија можеби индиректно покажува дека воспоставува нормални односи и наскоро ќе го признае Косово, а овој инцидент може само да го искомпликува овој процес“, изјави аналитичарот Џелал Незири.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации