| четврток, 6 декември 2018 |

Денот на националноста Грција ѝ го „подари“ на Турција (видео)

Со воена парада во Атина денеска е одбележан националниот празник – Денот на независноста на Грција. Сепак, воената парада помина на позадината на драстичното влошување на односите со Турција и беше проследена со пораки од страна на официјалните лица во земјата и Владата, кои апелираа да се заштитат суверенитетот и територијалниот интегритет во случај на турска агресија.

„Ние сме народ на мирот, пријателството и демократијата, засновани на целосното почитување на меѓународното и европското право“, изјави претседателот Прокопис Павлопулос, кој традиционално учествуваше на воената парада во Атина.

„Подготвени сме да ги заштитиме нашата слобода и граници, територијалниот интегритет и суверенитетот на нашата татковина, како и нашето големо европско семејство – Европската унија“, изјави Павлопулос пред новинарите по завршувањето на парадата.

Министерот за одбрана Панос Каменос вети дека ќе го смачка секој кој ќе се обиде да го стави под прашање суверенитетот на Грција и ќе креира планови за пресоздавање на „Голема Отоманска империја“. Каменос ја претставуваше грчката Влада на парадата, бидејќи премиерот Алексис Ципрас беше на островот Псара во Егејското Море, од каде и тој упати порака до Анкара да го почитува меѓународното право. Воениот министер апелираше до политичките сили во Грција да ја стават настрана политичката конфронтација и да се обединат. Покрај тоа, тој побара поддршка од пријателите и сојузниците на Грција за двајцата грчки војници кои се наоѓаат во турски затвор во градот Едрене.

На парадата беа претставени тенкови, оклопни возила, самоодни артилериски лансери, машини со руски противтенковски ракетни комплекси “Корнет” и “Фагот”, техника за ПВО, инженеринг и противпожарни делови. Покрај тоа, по улиците маршираа војници од пешадијата и морнарицата, пожарникари и полицајци. На парадата присуствуваа дипломати и воени аташеа.

На 25-ти март, секоја година, во Грција се одбележува почетокот на револуцијата од 1821-та година, по којашто земјата се ослободува од доминацијата на Отоманската империја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top