| четврток, 6 декември 2018 |

Агенцијата за филм рестриктивна во изборот на носители на проекти: Се делат пари на фестивали и луѓе од филмската фела блиски до СДСМ и ДУИ

Со самото доаѓање на местото министер за култура, Роберт Алаѓозовски удри по се она што претставува “култура” во земјава, па и по филмската фела. Низа скандали ја потресоа филмската индустрија. Од забраната македонски филм да оди на Оскари, па филмските продуценти го обвинија директорот на Агенцијата за филм, Горан Тозја дека донел срамна одлука, па до обвинувања од страна на министерот кон најплодните и науспешните македонски режисери, од типот на Милчо Манчевски и Столе Попов, дека се криминални режисери, а нивните филмови не се никаква уметност. На крај сето тоа резултираше со протести на филмските работници поради тоа што годинава добиле помалку средства од лани, а директорот Тозија заврши на суд за покренатата тужба за раскинувањето на нивниот договор кој е поврзан со серијата “Македонија”. Јадран филм го обвини Тозија за поткуп, како и за рекет и уцена. И покрај сето ова, Агенцијата за филм никако да најде заеднички јазик со филмската фела и продолжува со рестриктивната буџетска политика да ги уништува филмските работници и филмот воопшто. Но, каде е рестриктивноста на буџетот, ако вкупно за организирање на филмски фестивали за 2018 се доделени 24.820.000 денари и тоа за 16 фестивали?

Во 2017 година беа поддржани 22 филмски фестивали за кои беа доделени 26.720.000 денари или за нешто повеќе од 1.000.000 денари од оваа година но за поддршка на  6 фестивали повеќе. Додека пак во 2016 година поддржани се 15 фестивали, а доделени се 21.720.000 денари, а во 2015 година пак поддржани се 17 фестивали, а доделени се 23.700.000 денари.

Тоа значи дека рестриктивност во буџетот НЕМА, туку има само рестриктивност во изборот, а пред се рестриктивност во висината на доделените средства поединечно! Рестриктивноста во овој момент можеме да ја препознаеме само во изборот на носители на проектите кои се блиски до СДСМ. Исти број фестивали, исти пари, но различни луѓе – носители на проекти.

Наместо рестриктивност имаме и неколкукратно зголемување на доделените финансиски средства на одредени фестивали. Имено, фестивал кој во континуитет добивал поддршка во износ од 800.000 денари сега добил поддршка од 3.000.000. Потоа фестивал кој минатата година добил 300.000 денари додека оваа година 800.000 како и фестивал кој минатата година добил 2.000.000, а сега добил 2.500.000

Во самата објава на резултатите се вели дека акцентот бил ставен на веќе етаблираните и квалитетни фестивали. Тука се наметнува прашањето дали второ издание на фестивал (Филозофски филмски фестивал) се смета за поетаблиран од осмото издание единствениот филмски фестивал за анимиран филм (АНИМАКС) или пак од единаесетто издание филмскиот фестивал (АСТЕРФЕСТ).

Додека пак, за Интернационалниот филмски фестивал ОДА од Тетово, доделени се фамозни 3.000.000 денари, дури 2.200.000 денари повеќе од претходните изданија. Ваквото вреднување на овој фестивал  за жал е повеќе  политичко отколку филмско прашање.

Само за споредба наспроти фамозните 3.000.000 денари, “МАКЕДОКС” добива 2,600,000 денари. “Скопскиот филмски фестивал” – фестивал  кој се одржува со години и кој што алтернативната уметничка сцена од Македонија си го препознава овој  фестивал како свој – доделени 2.500.000 денари.

“СИНЕДЕЈС” – еден од најдобрите интернационални  фестивали во Македонија кој е фокусиран на промовирањето на европскиот филм – во споредба со минатата година му се намалува буџетот, доделени му се 4.000.000 денари, односно помалку за еден милион денари.

Она што е исто така многу нејасно, збунувачки и крајно нетранспарентно во објавувањето на резултатите е тоа што никаде не е наведено ниту објавено кој е директор на фестивалот.

Агенцијата за филм се повикува на неодамна објавената Стратегијата за културен развој 2018-2022 на Министерството за култура, каде во делот на фестивали утврдува дека во првата година од усвојување на стратегијата Агенцијата ќе пристапи кон утврдување на приоритетна листа на домашни филмски фестивали од јавен интерес, додека во Акциониот план може да се види дека Агенцијата треба да има ревидирана листа за домашни филмски фестивали.

Каде е ревидираната листа на фестивали ?

Со ова в.д. директорот Горјан Тозија и Управниот одбор на Агенцијата за филм по којзнае којпат за помалку од една година не постапуваат транспарентно и не ги почитуваат законските и подзаконските акти кои ја регулираат филмската дејност. Но затоа добро ја манипулираат јавноста во однос на тоа дека сега е воведена квалитетна селекција и соодветни критериуми.

И на крај, зошто на листата на одобрени Фестивали изостануваат значајни меѓународни фестивали како Филмскиот Фестивал за млади ЏИФОНИ Македонија, за чие одржување Агенцијата за филм има потпишано меѓународна Спогодба или пак Фестивалот за филмови од Југоисточна Европа кој придонесува за афирмација на кинематографиите од Југоисточна Европа, вклучително и македонската, во две традиционално големи и престижни кинематографско-културни средини, какви што се француската и германската?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top