| четврток, 6 декември 2018 |

Влатко уште еднаш покажа дека е уникатен музичар: Промовиран првиот акустичен албум „Мајчин јазик“ (видео)

Големата сала на Македонската филхармонија во Скопје два дена во текот на викендот дишеше во ритамот на „Мајчин јазик“. Најдобриот гитарист на сите времиња, Влатко Стефановски со своите пријатели Весна Гиновска Илкова, Вера и Оливер Јосифовски и Биља Крстиќ го претстави пред македонската публика албумот кој е 33 по ред, но е прв акустичен во неговата кариера. Недостигаат зборови кои ќе ја опишат атмосферата во салата каде публиката во тишина , со внимание и возбуда ги следеше изведбите на култните „Абер дојде Донке“, „Бистра вода“ „Успаванка за Радмилу М“, „Јовано Јованке“… а со овации и долги аплаузи ја испраќаше секоја негова изведба.

Заслужено албумот веднаш по издавањето во „Кроација рекордс“ се здоби со позитивни критики од балканските музички критичари и медиуми. На 17, 18 март се одржаа првите два од предвидените три концерти, а утре ќе се одржи и третиот концерт, во организација на „Баги комуникации“. Публиката е жедна за македонската музика, за гитарата на Влатко, за топлината на звуците… Тој уште еднаш потврди дека кога свири, не е на оваа планета и дека секој е некому сличен, но Влатно е уникатен.

Концертите се всушност заокружување на еден артистички период и израз во кариерата на Стефановски, а специјални гости на концертите беа балканската етно дива Биља Крстиќ, оперската дива Весна Гиновска Илкова и членовите на групата „Љубојна“, Вера Милошевска и Оливер Јосифовски, кои ги изведоа „Македонско девојче“, „Кандилце“, „Елено ќерко“, „Џипси меџик“…

Два пати беше вратен на бис од публиката, а утрешниот концерт е нов предизвик за љубителите на музиката на Влатко.

фото/ видео: баги комуникации

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top