Вардар има одиграно многу важни натпревари во својата историја, и на домашен и на меѓународен план, а во пакетот незаборавни е двомечот со романскиот клуб Динамо од Букурешт, во првото коло од Купот на УЕФА во 1985 година. Најпопуларниот македонски тим, тогаш сѐ уште во системот на југословенскиот фудбал, против една од најдобрите романски екипи. Кој е фаворит? Се разбира, Динамо, клуб со богата традиција, армија навивачи и безброј репрезентативци. На спротивната страна е Вардар со блескава генерација, но организациски многу послаб од Динамо.
– Според мене, а и како што велат многумина, тоа беше најдобрата генерација на Вардар. И претходно имало прекрасни фудбалери, наши идоли, добри резултати, но таков склоп на квалитетни поединци, кои играат тимски, мислам дека немало. Знаевме дека сме посилни од Динамо, според фудбалските параметри, иако тие беа фаворити. Сигурни бевме дека ќе ги елиминираме. Бевме дрски, екстра-квалитетни, бескомпромисни. Едноставно кажано, тој тим тогаш чекореше пред времето. Милјан Милјаниќ велеше дека фудбалот постојано оди напред и дека нападот трае пократко од 15 до 20 секунди. Јас во една пригода му реплицирав дека Вардар е многу понапред и од новите трендови. Дававме гол за три секунди. Грошев до Рингов, Рингов до Панчев и гол. Тоа што недостигаше и каде што бевме куси во однос на конкурентите беше организацијата во клубот. Не знаевме како одат протоколите, како се дочекуваат судиите. Но, и тоа не нѐ спречи да го елиминираме романскиот гигант – вели Васил Рингов, легендата на Вардар.
Македонските навивачи во Букурешт дополнителна мотивација
Тој го даде голот на првиот меч во Букурешт, за предност од 1-0 на „црвено-
црните“, а Динамо, сепак, допатува во Скопје, на реваншот, со позитива од 2-1.
Пресвртот, со по еден гол, го креираа романските репрезентативци, Мирчеа Редник и Јоан Андоне од пенал.
– Се сеќавам дека имаше многу публика во Букурешт. Изненадување за нас беа македонските симболи на стадионот. Делот од едната трибина беше добро исполнета со наши навивачи. Атмосферата беше извонредна, а ние не се исплашивме. Напротив, преполниот стадион дополнително нѐ мотивира. Знаевме дека за Динамо игра речиси половина од романската репрезентација, но верувавме во себе. Јас дури бев сигурен дека ќе ги исфрлиме од игра – додава Рингов.
Мирчеа Редник, Јоан Андоне, Сорин Радукану, Јонел Августин, Јон Заре, Нелу Станеску…, не се знае кој е поголема опасност за Момчило Грошев, голманот што тогаш ја чуваше мрежата на Вардар и кој, за жал, веќе не е меѓу живите. Домаќините, по почетниот шок и голот на Рингов, притиснаа, но Вардар издржа и имаше добар резултат пред реваншот.
– Малку им помогна и рускиот судија, но и тоа не нѐ поколеба. Им подари пенал во Букурешт. Во Скопје ни го делегираа најдобриот арбитар таа сезона, Дитер Паули од Германија. Се сеќавам на тие денови како да беше неодамна, иако поминаа повеќе од 25 години. Вриеше во градот, во целата Република. Се бараше билет повеќе. Тогаш мислам дека ќе имаше и 100.000 публика, ако имавме поголем капацитет на стадионот. Едноставно, Скопје и Македонија ги тресеше фудбалска треска. Роднини, пријатели, навивачи ни бараа билет повеќе. Кога истрчавме на градскиот стадион и кога видовме преполни трибини, знаевме дека големиот Динамо ќе падне – се присетува Рингов, на реваншот во Скопје.
Тогашен Вардар, најдобар во силната југословенска лига
Калибарот на вардаровите играчи од тоа време беше извонреден, а популарниот Васе го поткрепува со факти.
– Па, Дарко (Панчев н.з.) беше најдобар стрелец во лигата. Кога ќе кажеше ќе дадам гол, немаше утка. Ветено – сторено. Покоен Момчило Грошев беше еден од најдобрите голмани. Имаше ли некој подобра одбрана од Вардар?
Во формацијата 4-4-2, која тогаш беше модерна, на стоперската позиција се менуваа Драги Сетинов, Чеде Јаневски и Илија Најдоски. Спој на цврстина, елеганција, извонредна скок-игра.
Бекови ни беа Вујадин Станојковиќ и Милко Симоски. Првиот, борец пар екселанс, вториот брз како ветар. Во тоа време, тие играа како сегашните модерни бекови.
Ги владееја комплетно страничните позиции. Во средината бевме силни како гром. Со Цапар (Драган Канатларовски, н.з.), како заден играч за врска. Тој беше главната алка што ги спојуваше сите наши линии. Еден беспрекорен техничар, со безброј идеи и контрола на сите играчи околу него. Пред него Тони Савевски, според мене најдобар креатор во лигата, во тоа време. До него Пепи Георгиевски, лево Рингов, а од спротивната страна Гордан Здравков. Дарко Панчев напред, вистинска гол-машина, секогаш гладен за погодоци. Во тимот од 14-15 играчи што се ротираа, важни алки беа Стојмир Урошевиќ, Јован Јовановски и Томче Трајановски. Замислете колку беше силен Вардар, кога понекогаш немаше место во стартната постава за најбрзиот фудбалер во сојузната лига, Трајановски. Тоа беше Вардар, еден извонреден концепт на играчи од различни генерации што, се разбираа, се наоѓаа на теренот и со врзани очи. Вардар тогаш фудбалски беше пред времето – раскажува Рингов.
Тој си замина истата сезона, во германскиот клуб Ајнтрахт од Брауншвајг, но се врати следната година во Вардар, каде што ја заврши богатата играчка кариера.
Овации за „црвено-црните“ јунаци во Скопје
Гордан Здравков, со прекрасен гол на самиот старт од второто полувреме, му донесе пласман на Вардар во втората рунда. Едно од најдобрите леви крила во тогашна Југославија, Васе Рингов, малку си поигра со нервите на вардаровата армија навивачи, кога при резултат од 1-0 не погоди пенал, но со играта и со борбеноста заслужи овации од трибините, како и другите јунаци во „црвено-црни“ дресови. Публиката на нозе, со долготраен аплауз, ги испрати од теренот своите миленици. Тоа беше втора победа за најтрофејниот македонски клуб во еврокуповите, во вториот настап. Претходно во сезоната 1961/62 година, тогашниот победник на југословенскиот куп, Вардар, играше двомеч со Данфермлајн (0-5 и 2-0).
– Скромно го прославивме успехот. Самоиницијативно се собравме во еден ноќен клуб во Скопје. Немавме некаква специјална прослава. Управата нѐ почести со двојни премии и тоа беше сѐ. Ни беше важен успехот што го постигнавме на теренот, парите беа споредна работа. Бевме горди што ги израдувавме нашите навивачи и целиот македонски народ. Тоа беа златни времиња за Вардар. На тренинг имавме по пет илјади публика. Немаше место на помошното игралиште зад источната трибина. А, за натпреварите да не зборувам, се знае. Секогаш игравме пред полни трибини и дававме сѐ од себе за да го сочуваме и подигнеме реномето на клубот – вели Рингов.

Стариот Градски стадион беше полн како грозд на секој натпревар (момент од дуелот Вардар – Динамо Б)
Следен противник на Вардар, во тогашниот Куп на УЕФА, сега преименуван во Лига на Европа, му беше шкотскиот Данди јунајтед. Поразот од 0-2 на гости беше клучен за елиминација на „црвено-црните“, кои одиграа нерешено 1-1 на реваншот во Скопје.
– Бевме посилни од Данди јунајтед. Тие играа претходната сезона во завршницата на Купот на УЕФА, но ние не се плашевме од нив. Сами се победивме, противникот не нѐ надигра. Организациските пропусти и игрите надвор од теренот беа посилни од нас. Во Шкотска ни исклучија два играча, па поразот беше неминовен, иако додека имавме ист број фудбалери на теренот, не ни дојдоа до нашиот гол. Во Скопје се обидовме да направиме подвиг, но резултатот од 0-2 беше превисок – вели Рингов.
Вардаровата евроодисеја за сезоната 1985/86 година заврши, а, според Рингов и многумина што ги познаваа квалитетите на тимот, скопјани можеа многу повеќе.
– Имаше иницијатива тимот да се задржи, но предлогот, за жал, не се реализира докрај. Таа сезона, според игрите бевме најдобар тим во Југославија. Дадовме најмногу голови и сите се чудеа зошто не сме прваци. За таков успех ни требаше подобра логистика, а Вардар, за жал, ја немаше. И финансиите беа проблем – се сеќава Рингов.
Пишува: Зоран Поповски
(објавено во 27. број на неделникот „Република“, 8.03.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Модриќ: Гризман ја заслужува „Златната топка“



