| четврток, 6 декември 2018 |

Ќазим Асотиќ: МОБ ја почнува годинешната продукција со премиера на „Либертанго“

Македонската опера и балет годинешната продукција ќе ја започне со премиера на балетската претставата „Либертанго“ со познатата кореографка Сабрина Боско од Италија и нашиот дизајнер Александар Ношпал. Нејзината премиерна изведба е планирана за 18ти април. Сплетот на танго и балет по музика на величествениот композитор Астор Пјацола ќе биде вистински хит за љубителите на убавата уметност, рече на денешната средба со новинарите, в.д. директорот на Македонската опера и балет, Ќазим Асотиќ.

Тој информираше дека паралелно со премиерата на „Либертанго“, Македонската опера и балет ја подготвува и својата прва оперска премиера за оваа година, претставата „Боеми,“ за 9-ти мај, за почетокот на 46. Мајски оперски вечери. (Џанлука Мартиненги диригент и Флавио Арбети сценограф и костимограф кој што работи за повеќе големи театри како Арена ди Верона, Салерно, театарот Џузепе Верди).

-Овогодинешниот фестивал ќе биде во чест на големиот композитор Џакомо Пучини, по повод 160 години од неговото раѓање. Мајските оперски вечери се гордост на оваа институција и еден од најголемите културни амбасадори на Р. Македонија во светот. На овогодинешниот фестивал публиката ќе може да ги види и претставите “Тоска“, „Турандот“, “Аида“, како и специјален Балетски гала концерт , истакна Асотиќ.

Како последна премиера за годинава е предвидена балетската претстава „Ана Каренина“ чијашто изведба ќе биде во месец декември.

Освен овие главни продукциски проекти, Македонската опера и балет ќе организира и музички серијали под мотото „Земјите низ песна“.

-Овој проект ќе се обиде да им приреди на љубителите на убавата музика незаборавни вечери со песни од одредена земја. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени заедно со врвни уметници од нивните земји. Освен „географски“, Македонската опера и балет планира да направи и Off“ програми, тематски вечери како „Ноќ со…“ на чиј репертоар ќе се најдат преработки од врвни музички поп и рок ѕвезди, информираше в.д. директорот на МОБ.

Новини ќе има и во нобогодишната програма. Според Асотиќ, оваа година, Македонската опера и балет ќе направи предновогодишен маратон, каде во празничните денови уметниците во помали состави ќе изведуваат дела од познати автори во текот на целиот ден.

-Состави од дуа, триа, квартети, дувачки квинтети, гудачки квинтети, клавиристи, оперски пеачи, балетски играчи ќе бидат распоредени на одредени пунктови низ фоајето со свој настап не подолг од 15 минути. На овој начин сакаме да ја израдуваме нашата долгогодишна и верна публика и да им ги честитаме Новогодишните празници, вели Асотиќ.

Планирани се и солистички настапи на хорот на МОБ, со цел да се доближи хорската уметност до нашата публика. После успешниот концерт во Гевгелија насловен „Љубов низ арија ти подарувам“ се планира проектот да се одржи на повеќе места низ државата со цел да се доближи оперската уметност до граѓаните на Македонија, особено до оние места од кои публиката не е во можност често да патува во Скопје, за да ги проследи ариите на сцената на МОБ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top