| четврток, 6 декември 2018 |

На Приштина и недостига уште еден глас за демаркација на границата со Црна Гора

По посетата на американскиот заменик државен секретар Вес Мичел на Приштина, косовските власти ги вложуваат сите напори за да го обезбедат неопходното двотретинско мнозинство за ратификација на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора во Собранието на Косово, при што најголема надеж полагаат во гласовите на пратениците кои се одделија од опозициското Движење Самоопределување, тврдат приштинските медиуми.

Според нив, за двотретинско мнозинство во Собранието, на косовските власти им недостига уште само еден глас, со што конечно би бил ратификуван Договорот, две и пол години по неговото потпишување.

Извори во косовската Влада тврдат дека седницата за ратификација на договорот би можела да биде одржана уште утре, со што прашањето би било затворено до крајот на неделава.

Сепак приштинските медиуми наведуваат дека и покрај оптимизмот на косовските власти, лидерот на новоформираната пратеничка група на „одметниците“ од Самоопределување, Дардан Сејдиу вели дека тие 12 пратеници не го промениле својот негативен став кон договорот за демаркација.

Според Сејдиу, по проблематичен од самата демаркација е пропратниот документ што го достави Владата на усвојување, во кој, како што наведува, од една страна се прават обиди да се усвои Договорот, а од друга се посочува дека тој има недостатоци.

Косовскиот вицепремиер и заменик лидер на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај во интервју за КТВ изјави дека верува оти гласањето по Договорот ќе биде одржано утре и дека прашањето ќе биде затворено уште пред викендот.

Шефот на косовоската дипломатија Беџат Пацоли, меѓутоа, признава дека ратификацијата на Договорот за демаркација не оди според планираното. Сепак, според него секој момент ќе биде добар за ратификување на договорот.

Надежта на косовските власти за ратификација на договорот се зголеми по расколот во Движењето Самоопределување, откако 12 пратеници на оваа партија формираа посебна пратеничка група во Собранието.

Со овој раскол Самоопределување повеќе не е најбројна опозициска партија во Парламентот и сега има 19 пратеници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top