| четврток, 6 декември 2018 |

Време на пораки и лаги

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

„Господе, не ни даваат ни да умреме на својата земја. Нигде место не оставаат. Ни во пеколот свој дел немаме“ – воведна сцена од филмот „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица, снимен во 1971 година

 

Иако некому ќе му прозвучат патетично и претерано, овие зборови искажани во една од антологиските македонски филмски реплики од страна на дедото кого го протеруваат од своето огниште, најдобро го објаснуваат моментот во кој се наоѓа земјава.

Некои би рекле дека и фразата „Те тепаат, а не ти даваат да плачеш“ исто толку прецизно може да ја опише ситуацијата во која се наоѓаме. Трети би рекле дека самите сме си виновни за теснецот во кој е втурната Македонија. Четврти се сигурни дека сме премали и преслаби за да се противиме на големите игри на уште поголемите сили, во регионот и пошироко. Веројатно сите имаат по малку право.

Неделава зад нас беше една од најинтензивните, можеби, дури и историска ако се суди според бројот и видот на искажани пораки од домашните и странски политичари, кои можат да имаат директна последица по Македонија , таква каква што ја живееме сега.

Со констатацијата дека последните десетина дена се историски, сигурно , барем делумно, се согласува и претседателот на Европската унија, Херман ван Ромпуј. Белгискиот дипломат заедничкото учество на српскиот претседател Томислав Николиќ и на претседателката на Косово Атифете Јахјага на самитот на шефови на држави од централна и од југоисточна Европа што се одржа во Словачка го протолкува како историско.

Зошто Брисел само две недели претходно седеше мадро и не се вмеша во балканскиот спор пред откажаната Охридска конференција на лидерите од регионот? Едниот одговор е во доменот на слабата координација во Унијата и во поделеноста меѓу Германија, Франција и петте членки на унијата, кои сѐ уште не го признаваат Косово. Втората причина е малку поделикатна за нас. Може да се протолкува како теорија на заговор и таа го отвора прашањето зошто Брисел, Херман ван Ромпуј или Кетрин Ештон, сеедно, претходно не ги искористија истите аргументи додека шефот на државата Ѓорге Иванов ги убедуваше Томислав Николиќ и Атифете Јахјага да седнат на заедничка маса. Особено ако се знае дека како и словачките организатори и Македонија, според неофицијални извори, била подготвена гостите да бидат потпишани според форматот „Гимних“, значи пред нив немало да стои името на земјата туку само личните имиња.

goran-kol-09-riker-vlada_2

Еден од одговорите го даваат амабсадори на земји што не се директно вмешани во оваа лакрдија. Можеби затоа што тогаш тоа немаше да биде победа на Европската унија туку на малата и немоќна грчка жртва, која сега кога притисокот од сите страни е најсилен не смее да победува во ништо, најмалку во дипломатските игри. Да потсетиме, Ван Ромпуј во Словачка рече дека средбата на Николиќ и на Јахјага била историска и тоа претставувало голема победа за ЕУ. „На ЕУ, која се соочува со толку многу порази последниве месеци, ѝ беше потребна победа, каква било, па макар таа да биде на штета на Македонија“, уверени се дипломатите со кои разговараше „Република“.

На Ван Ромпуј не му требале извештаите на европските разузнавачки служби за да сфати дека по „историскиот“ успех во Словачка, кој, според српски извори, бил постигнат откако на официјален Белград му било кажано дека со уште еден бојкот поради Косово го загрозува датумот за преговори, ќе се соочи со едно од најголемите фијаска во својата кариера.

Во Брисел и најниските службеници на ЕУ уште две недели пред исландските избори знаеја дека Рејкавик ќе му удри шлаканица на процесот на проширување и на целиот концепт на европско здружување. Затоа, за да се скрие и да се амортизира ударот од Исланд, Ван Ромпуј, кој во својата кариера како прв претседател на ЕУ нема направено ништо што би можело да се запомни како историско, побрза една обична конференција на која дури и ЕУ беше гостин да ја нарече историска. Само затоа што Николиќ и Јахјага седеле на истата тркалезна маса.

А, ударот на Исланд не беше толку силен од идеолошки или безбедносни причини. На оваа островска земја со не повеќе од 300.000 жители веќе со години нема присуство на американски војници што заминаа во 2006 година. Ударот не е ни поради неприфатливите правила на Брисел за Исланд, според кои рибарите од Кефлавик ќе мораат да добијат дозвола за риболов од некој административец во Европската комисија. Тие што знаат дека Исланд е првата европска држава што потпишала Договор за слободна трговија со Кина, разбираат од каде дува ветерот. Планот на Пекинг преку Исланд, кој има директен пристап и, практично, имотен лист на голем дел од најбогатите наоѓалишта со нафта, гас, злато, дијаманти и железо на Северниот Пол, е директна закана за Брисел. Ете затоа е смешна глумата на Ван Ромпуј, кој мораше да ги слуша медиумските советници и за сметка на Исланд да дели историски квалификации за обична, некои велат и ретко здодевна конференција каква што ќе беше и охридската ако претседателот Иванов се согласеше на грбот на Македонија, Николиќ, Јосиповиќ, Башеску и Јахјага и другите регионални лидери да го креваат сопствениот рејтинг.

goran-kol-09-ahmeti-na-govornica4

Ахмети во Берлин, пораките за Илинденска

Во низата изјави што ја обележаа неделата зад нас е и таа дадена од Ахмети во Берлин. Тој по принципот „ти кажувам ќерко сети се снао“ им порача на германските власти дека мораат да помогнат при решавање на спорот инаку и тие ќе бидат одговорни за непредливите настани што можат да се случат доколку земјата не влезе во ЕУ и во НАТО, а Албанците не почнат да живеат во една држава, па ако сака таа нека се вика и Европска унија. Пораката беше кажана во Берлин пред германски државни функционери од втор ранг, но таа беше упатена неколку илјади километри појужно. До Тетово, Чаир, Гостивар, Липково и до другите места во кои живеат Албанци, но, пред сѐ до Илинденска, каде што, барем според слоганот 24/7, живеат коалициските партнери на лидерот на ДУИ. Пораката е јасна, Ахмети веќе не може да го издржи товарот што му го прави гласачката машинерија желна за земја без граници. Дали во дефинирањето на пораките на Ахмети, кои се случуваат во континуитет, своја улога има и некој друг надвор од штабот на партијата во Мала Речица или надвор од земјава знае само тој и тие што се координираат со него.

Дебата за ништо

Во еден текст пред два броја на „Република“ на истите овие страници објаснивме зошто Македонија не треба, барем не јавно, да го каже својот став за последниот предлог на Нимиц. Само две недели подоцна во земјава пристигна висок претставник на американскиот Стејт департмент и порача дека за предлогот на посредникот треба да се води јавна дебата. Се разбира, заменикот на помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави надлежен за европски и за евроазиски прашања, Филип Рикер, знае многу повеќе од сите македонски медиуми заедно што точно има во „сетот идеи“ на Нимиц. Не се сомневаме дека тој ѝ мисли добро на Македонија и во исто време ја остварува агендата на САД во регионот.

Тоа што отвора дилема е зошто тој наметнува дебата за нешто за што нема потреба. Доколку ја користи логиката на поранешната државна секретарка Кондолиза Рајс, која пред пет-шест години сугерирала Македонија да прифати еден од предлозите затоа што била сигурна дека Грција ќе го одбие и со тоа земјата ќе здобиела симпатии поради својата конструктивност и авторот на овие редови со две раце гласа за предлогот на Рикер.

Доколку, пак, Рикер ја користи логиката на американскиот признавање на уставното име што беше искористено како мамка со која Македонците се согласија на етничко прекројување на локалните граници, кои земјава, според последните трендови, ја водат кон федерализација и распаѓање, тогаш место две раце, можам да кренам само еден прст од едната рака. Во крајна линија, доколку земјата што ја претставува Рикер сака дебата за името, што е легитимна работа доколку и двете земји, тоа значи и Грција и Македонија, се близу решение, тоа може да го направи многу лесно.

Како што и претходно, кога тоа им одговараше на САД, Грција и на Македонија, во јавноста излегуваа детали од преговорите така и сега посредникот може, во договор со своите консултанти во Вашингтон, да „лиферува“ делови од предлогот на Нимиц. Во настапот на Рикер не е проблематична неговата желба да помогне туку желбата на Атина да го искористи крајот на трпението на САД за ступидниот проблем со името. Како може да се води дебата за нешто што во Грција веќе беше отфрлено јавно, а притоа беше јасно кажано дека во јуни ќе има вето, знае само Рикер. Ако, пак, тој знае нешто повеќе од тоа што ние го претпоставуваме тогаш нека го каже тоа јавно , можеби навистина има предлог што е фер и прифатлив, а во него не се загрозени македонските национални атрибути.

Или ќе се договориме или нема договор

И Бугарија не изостана од листата на контроверзни изјави, кои директно или индиректно се однесуваат на Македонија. „Ако не потпишеме договор за пријателство Бугарија ќе ја блокира Македонија во ЕУ“. Ова е најновата дипломатска небулоза и закана, која, веројатно, се изучува само во школата на Бојко Борисов и на „македонскиот бежанец“ претседателот Плевнелиев. Нема да се зачудиме доколку наредното барање од Софија до Скопје биде сите македонски граѓани јавно да се заколнат дека ќе ја сакаат Бугарија. И тука нема да бидат исклучени Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Торбешите. Имено, на списоците на македонски граѓани покрај етнички Македонци има и приличен број граѓани од заедниците над и под 20 проценти, кои со бугарски пасош сакаат да патуваат и да работат во Европа. Само Софија нека предложи, сите ќе се колнеме, ако треба и на плоштад „Македонија“ веднаш до споменикот на воинот Александар. Добро, не мора сите, тие што еднаш веќе се заколнале не мораат по вторпат. А сите знаеме кои се тие. Последниот дел може да ви заличи на шега, ама не е тоа. Кога се во прашање Бугарија и ЕУ нема шега, сѐ е вистина.

(објавено во 42. број на неделникот „Република“, 21.06.2013)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top