| четврток, 6 декември 2018 |

Како Талат ја сфаќа парламентарната демократија?

Знам дека што и да се каже за работата и начинот на сфаќањето на парламентарната демократија на пратеникот Талат Џафери веќе нема никаква поента, бидејќи е веќе се кажано и обелоденето пред граѓаните, но сепак професорската обврска и општествената одговорност што ја имам кон мојот народ едноставно не ми дава да не го искоментирам односот на овој човек кон пратениците и кон граѓаните, пишува универзитетската професорка Тања Каракамишева на Фејсбук.

– Во оваа прилика нема да навлегувам во срамната епизода на неговиот “избор” за претседател на Собранието, бидејќи тоа веќе не заслужува никаков дополнителен коментар од она што многу пати до сега е кажано. Кажано е и потврдено дека тука постои директна кривична одговорност која ќе пристигне еден ден за сите пратеници кои учествуваа во тој параспур од “избор”. Во моментов многу поважно е да се следи диктаторскиот однос на овој човек кон поднесените амандмани за Законот за јазиците од страна на ВМРО -ДПМНЕ и неговите недемократски изјави и чекори што сака да ги преземе околу амандманите. Неговиот неколку пати кажан став дека тој воопшто нема намера да ги стави на разгледување поднесените амандмани значи многу сериозна опомена за сите нас. Неговиот ноншалантен однос и мислење дека треба само да се пристапи кон повторно гласање по законот сериозно треба да не загрижи, вели Каракамишева.

– Се чини дека Талат се повеќе ќе заглавува во лавиринтот наречен незаконитост и во директно кршење на Деловникот на Собранието. Изгледа дека на Талат не му се важни членовите од Деловникот кои јасно ја дефинираат целата постапка при разгледување на поднесените амандмани. Така, членот 153 од Деловникот вели:

1) За секој амандман се води претрес и се гласа одделно.

(2) Ако на иста одредба од предлогот на законот се поднесени два или повеќе различни амандмани, за амандманите се гласа според редот по кој се поднесени.

(3) Ако со некој од амандманите се предлага бришење на одделна одредба од предлогот на законот, прво се гласа за тој амандман и ако амандманот се усвои, не се гласа за другите амандмани на тој член.

(4) Ако на иста одредба се поднесени два или повеќе амандмани со слична содржина, на предлог на претседателот, работното тело може да одлучи по амандманите да се води единствен претрес, а да се гласа за секој амандман одделно.

(5) Подносителот на амандман може да го измени, дополни или повлече амандманот до завршувањето на претресот по амандманите на членот на кој тој поднел амандман”.

Мајмунлакот што се подготвува околу (не)постапувањето по амандманите ќе биде во злоупотреба на член 165 од Деловникот, или конкретно целата точка 7. Гласање и изјаснување на седница на Собрание, на кој член, всушност, ќе се повика Талат.

Член 165

(1) Претседателот на Собранието може расправата по предлогот на законот, амандманите и другите акти од надлежност на Собранието да ја заклучи, а за гласањето по истите да определи ден и час кога Собранието ќе се изјасни.

(2) Собранието се изјаснува по предлогот на законот, амандманите и другите акти од надлежност на Собранието без расправа.

Мајмунската работа околу овој член е што истиот НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЧИТА ИЗОЛИРАНО ОД ЦЕЛАТА ПРЕТХОДНО ДЕФИНИРАНА И ОБЈАСНЕТА ПОСТАПКА за разгледување на амандманите и за донесување на законите во Собранието, објаснува професорката.

– Постапката за донесување закони има прецизно дефинирани фази и процеси што не смеат да бидат арбитрерно извртувани од страна на Талат и искористувани во полза на одредени партиски интереси.
Членот 165 не му дава дискреционо право на Талат да без почитување на амандманската расправа директно одлучи да ја заклучи расправата и директно да премине на изјаснување по Законот без никаква расправа, како што тој сака да постапи.

– Ако ваква дубара направи и му помине на Талат тогаш можеме да се збогуваме со парламентарната демократија и со нашиот претставнички дом. Ако помине и овој преседан, тогаш Собранието ќе биде топтан зрело за ОТПОВИКУВАЊЕ, завршува Каракамишева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top