Во изборот на членови на надзорните и управните одбори се вклучени и партиски кадри на СДСМ, но и луѓе од администрацијата, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, по обвинувањата од опозицијата во градското собрание дека за членови се избрани лица без компетенции и по партиска линија.
Како што рече градоначалникот, не е крај на светот тоа што се сменети членовите на управни и надзорни одбори претходно поставени од власта на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, советничката група на оваа партија се обидува да ја дефокусира јавноста.
-Со спинови ја дефокусираат јавноста од одлуката која е донесена за поскапување на водата во комплексот Железара. Станува збор за тргање на партиските кадри од управните и надзорните одбори кои се именувани од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што ги сменивме партиските послушници на ВМРО ДПМНЕ не е крај на светот – рече Шилегов.
За партизацијата на администрацијата вчера обвини советничката од ВМРО-ДПМНЕ во советот на Град скопје, Јелена Жугиќ.
-Шилегов и Јанчева се ставаат над законот. Тие не демантираат. Законите не важат за сите. Шилегов ветуваше транспарентни и одговорни институции. Ги немаме истите. На седницата нема дискусија за овој скандалозен чин. Немаме докази, но имаме сомнеж. Ви фрлам ракавица да истражите кои се тие луѓе, а не да поставувате потпрашања. Треба да бидете на страна на граѓаните, рече Жугиќ.
Прашана на што ги темели нејзините кажувања за именување лица без квалификации, таа вели дека се само сомненија.
-Ако го прашате чичко Гугл, на пример за лице Филјан Филјан ќе видите резултати за 20 луѓе. Ќе видите што работеле. И ако видите нешто што не е како што треба, ќе истражите, вели Жугиќ.
Таа обвини дека Јанчева и Шилегов на седница на 1 март изгласале најмалку стотина членови на управни и надзорни одбори на градските претпријатија на максимално нетранспарентен и шверцерски начин, без притоа, и покрај инсистирањето на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, да се прикажат биографиите на истите личности и да се увиди дали тие ги исполнуваат законските услови за нивно назначување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.