| четврток, 6 декември 2018 |

Шилегов не му донесе среќа на Шутановац на локалните избори во Србија

Според прелиминарните резултати на невладините организации ЦЕСИД, ЦРТА и ИПСОС кои ги следеа изборите за Собранието на градот Белград, врз основа на 99 отсто пребројани гласови за 24 изборни листи, изборната листа на Српската напредна странка (СНС) „Александар Вучиќ – затоа што го сакаме Белград“, освои 44,9 отсто гласови или 63 одборници во градското собрание на Белград кое брои 110 пратеници.

И самиот лидер на СНС Александар Вучиќ на прес конференција синоќа прогласи победа на изборите за главниот град на Србија или како што кажа „ова е најдобриот резултат досега што некој го има освоено“.

Според тие резултати СНС која на изборите настапи во коалиција со Социјалдемократската партија(СДП) на Расим Љаиќ, ПУПС на Милан Кркобабиќ и други помали партии, освои апсолутно мнозинство во градското собрание на Белград и можност сами да го изберат новиот градоначалник на Белград.

– Новиот градоначалник ќе се знае за само 50 дена – изјави Вучиќ.

Втори според овие прелиминарни резултати се гласовите за Драган Ѓилас и изборната листа подражана од Движењето на слободни граѓани (ПСГ) на Саша Јанковиќ, Народодната странка (НС) на Вук Јеремиќ и Левицата на Србија на Борко Стефановиќ со освоени 18,8 отсто гласови или 26 мандати.

Претседателот на општината Нови Белград-Александар Шапиќ, кој настапи самостојно, освои 9,3 отсто или 13 мандати, а Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ (СПС) освои 6,1 или 8 мандати.

Сите останати изборни листи и партии, меѓу кои и Драган Шутановац од Демократската странка (ДС доживеа дебакл со освоени 2,2 отсто) -не успеаа да го поминат изборниот цензус од пет отсто со што немаат да имаат свои одборници во Собранието на градот Белград.

Така коалицијата на Движењето Доста Беше (ДЈБ) и Двери имаат освоено 3,8 отсто, Движењето „Да не го давиме Белград-3,5, Радикалите на Шешељ- 2,4 и Љубиша Прелетачевиќ Бели- 2,3 отсто освоени гласови.

Според ЦЕСИД и ИПСОС излезеноста на градските избори изнесува 51,1 отсто.

Опозицијата и невладината ЦРТА по затварањето на гласањето обвинија за бројни неправилности или според ЦРТА шест отсто од гласачките места, а според ДС 30 отсто што според нив може да има влијание на конечниот исход од гласањето. И второпласираниот според бројот на гласови Драган Ѓилас по изборите изјави дека „тие се одржани во длабока недемократска и нерегуларна атмосфера, со повеќе неправилности“.

СНС на Александар Вучиќ победи и на локалните избори во Аранѓеловац, Бор и во Севојно.

Градската изборна комисија има законски рок да ги објави конечните резултати од градските избори во Белград во рок од 24 часа од затварањето на гласачките места-или утре до 20.00 часот. Започнат е и рокот за приговори и жалби на изборниот процес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top