| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски освои награда на фестивал во Португалија

Филмот доби одлични рецезии по премиерата на Синеквест: „’Бикини Мун“ е воодушевувачки брилијантен филм“, „Целосно свежо и оригинално дело на режисерски маестро“, „Ова е филм каков што ‘Обликот на водата’ сакал да биде, ама не знаел како“, напиша меѓу другото американската критика

Најновиот филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“ ја освои Специјалната награда на жирито на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија, каде изминатава недела ја имаше својата европска премиера. Ова е прва награда за петтиот филм на најнаградуваниот македонски режисер. Манчевски на Фантаспорто пред две години беше лауреат на наградата за животно дело, соопшти „Банана филм“.

Во моментов, „Бикини Мун“ премиерно игра во САД, каде на 3 март имаше американска премиера на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија.

Филмот доби одлични рецезии по премиерата на Синеквест: „’Бикини Мун“ е воодушевувачки брилијантен филм“, „Целосно свежо и оригинално дело на режисерски маестро“, „Ова е филм каков што ‘Обликот на водата’ сакал да биде, ама не знаел како“, напиша меѓу другото американската критика.

„Бикини Мун“, што е американско-германската копродукција, на Синеквест ќе биде прикажан четири пати во програмата Живот, која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.

Реномираниот Синеквест е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „УСА тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.

Во текот на месецот „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија и Истанбул.

Пофалби за одличната изведба во филмот добива и Кондола Рашад. Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони („Ромео и Јулија“ со Орландо Блум, „Куќа за кукли – втор дел“) и која во моментов игра во серијата „Милијарди“ – ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава.
Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

„‘Бикини Мун’ е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. ‘Бикини Мун’, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“, изјави Манчевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top