| четврток, 6 декември 2018 |

Во Скопје има околу 6 000 кучиња скитници

Градоначалниците досега не постапувале во согласност со своите надлежности за пребројување на кучињата бездомници, како и решавање на дологодишниот проблем, односно проверка на нивната агресивност.

Бездомните кучиња што се заловуваат, па по нивното маркирање, се враќаат на улиците, се речиси 6.000 илјади во Скопје, земено според процентот на досега заловените кучиња и нивната старосна граница. В.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, вели дека градоначалниците секогаш наоѓале соодветно оправдување за да не се спроведува законот, а сега тоа ќе се промени со новата стратегија што треба да почне со спроведување од мај-јуни оваа година. Тој не знае зошто градоначалниците не биле казнети за нивното непостапување.

Планот што го презентира в.д. директорот предвидува оние кучиња за кои ќе се утврди дека се агресивни, да се носат на социјализирање. Како и досега, нив треба да ги заловуваат општините. Тој вели дека проблемот треба да се реши системски бидејќи принципот е кучињата да се заловуваат, па по најмногу 30 дена да се вратат на улиците. Според него, опаѓа и бројот на кучиња што се носени во стационарот „Вардариште“, односно од 3.000, сега има приближно 1.400 кучиња.

Законската регулатива ќе биде спроведувана и за домашните миленици, каде што сопствениците што нема да постапат во согласност со пропишаните закони ќе плаќаат големи казни. Од јуни сите што имаат домашно милениче ќе мора да го чипираат, а базата на чипот ќе служи за здравствена легитимација, каде што ќе биде заведен сопственикот на миленикот. Агенцијата за храна и ветеринрство нема направено попис за да знае колку домашни миленици има во државата, но ќе набавува 100 илјади чипови, што државата ќе ја чинат 18 милиони денари. Ова законско решение постоеше и досега, но директорот на Агенција за храна и ветеринарство вели дека не се спроведувал во пракса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top