Австрискиот јавен радиодифузер О-Ер-Еф покрена тужба против вицеканцелот Хајнц Кристијан Штрахе, кој го обвини медиумот и неговиот популарен водител за ширње лаги.
Штрахе, кој е лидер на Австриската партија за слобода, одамна ја обвини телевизијата за левичарски политички предрасуди. Тој рече дека планира мерки, кои ќе ги направат медиумите пообјективни.
Пред две недели Штрахе објави на Фејсбук снимка од популарниот водител Армин Волф и напиша: „Има место, каде што лагите стануваат вести. Тоа место е О-Ер-Еф“.
Волф изјави дека ќе го тужи Штрахе, истакнувајќи дека досега ниту еден политичар никогаш не го обвинил за лага. О-Ер-Еф веќе побара извинување од вицеканцеларот, а вчера објави дека покренал тужба против него.
Од јавниот сервис соопштија дека ќе преземат законски дејства против Фејсбук поради тоа што социјалната мрежа не одговорила на нивното барање да го отстрани постот на Штрахе.
Претседателот Алексанадар ван дер Белен ги осуди забелешките на вицеканцеларот, чија партија е помалиот коалициски партнер на конзервативецот Себастијан Курц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.