| четврток, 6 декември 2018 |

Автопатите лизгалишта, директорот на „Македонија пат“ задоволен (фото – видео)

Автопатите во Македонија се завеани и скоро да нема патен правец во Македонија кој не е целосно покриен со снег. Возачите се жалат на нерасчистени патишта и лизгави коловози поради што на повеќе места низ земјата се формираат колони возила.

Директорот на јавното претпријатие Македонија пат, Гајур Кадриу, пак, вели дека е задоволен што сите патни правци успеале да овозможат да бидат проодни. За него е нормално при интензивни врнежи да има снег на патиштата.

– На терен е 80 отсто од нашата машинерија и луѓе, а 20 отсто се машинерија на трети лица. Задоволен сум од тоа како нашите екипи се справуваат со снежните наноси. Мора да имеме предвид дека постојано паѓа снег. Во вакви услови, да имаме и нови возила, нема да имаме чист пат. Нормално е да има отежнато движење, но нема застој. Ако нашите екипи не беа на терен, како што се вели, ќе имаше тотална блокада на магистралните патишта. Ноќеска беше до -11 степени, па солта тешко регира. Немаме евиденција колку сол е фрлена, но тоа го правиме во согласност со документите, вели директорот на  „Македонија пат“, Гајур Кадриу.

„Македонија пат“ има склучено договори со 3 фирми во вкупна вредност од 1,7 милион евра“, велат од Центарот за граѓански комуникации, кој направи анализа за начинот на кој се делеле парите за зимско одржување на патиштата. Три договори во вкупна вредност од 1,2 милион евра се склучени со фирмата „НБ-транс компани“ од Тетово, која е задолжена за извршување патни работи во зимски услови во подружниците „Автопат“, „Скопје“ и „Штип“.

За извршување на работите на подружницата „Битола“ договорот е склучен со „Јоскатранс-трејд“, Демир Хисар, и тоа во вредност од 326 илјади евра, а за подружницата „Велес“ со ЈА-МИ, Велес, во вредност од 163 илјади евра, се вели во анализата.

Поради снежните врнежи, воведена е забрана за движење тешки товарни возила на патните правци Маврово-Дебар, Струга- граничен премин Ќафасан, како и на планинските премини Пресека, Стража и Ѓавато, информира АМСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top