| четврток, 6 декември 2018 |

Фрчкоски како шеф на полицијата го прислушувал цело ВМРО-ДПМНЕ

frckoski

Познатото досие „Темел“ е формирано по наредба на Љубомир Фрчкоски, тогашниот министер за внатрешни работи, за следење лица и комуникации во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Досието стигна во Собранието и во периодот од 2002 до 2006 го снема, пишува весникот „Дневник“.

Ни трага ни глас од документите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање од досието за следење лица и комуникации во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (познатото досие „Темел“), кое го наредил поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски кон средината на 90-тите, а го продолжија и неговите наследници. Досието на ВМРО-ДПМНЕ е составено од речиси илјада страници, а во јавноста првпат излезе во 2001 година кога партијата, користејќи ја законската можност, побара да се утврди дали за неа се водела некаква евиденција од тајните служби. Партијата откако ја доби потврдата и ги обезбеди материјалите што беа дел од досието, истите ги достави до парламентот со цел тој да расправа за тоа дали има злоупотреба на надлежностите на поранешните министри и први луѓе на ДБK за партиски и за политички цели, односно следење на партиите во опозиција, кои тогаш биле легално регистрирани во судот.

Досието „Темел“, односно досието за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, деновиве повторно се актуализира како дел од документите врз основа на кои Kомисијата за лустрација го донесе решението со кое е лустриран професорот од скопскиот Правен факултет „Јустинијан Први“ и екминистер Фрчкоски. Материјалите што на почетокот од 2001 година ја кренаа јавноста на нозе бидејќи докажуваа дека и во независна и плуралистичка Македонија тајните служби се уште се водат од политички мотиви, сега ги нема во собраниската архива. Ги нема ни во Државниот архив каде што се чуваат сите минати документи од државните органи.

Тој вели дека практиката е секој нов претседател на парламентот по истекот на неговиот мандат, во просек на секои четири години, да ја предава целокупната архивска граѓа од Собранието на Архивот направена од неговиот претходник. Тоа би значело дека документите исчезнале некаде во периодот од 2002 до 2006 година.

Што се случило со документите, никој не знае. Архивските броеви на примениот материјал во Собранието постојат, но освен тоа што се заведени во деловодник, нема ниту еден лист хартија од предаденото досие ниту, пак, од документите што дополнително пратениците ги побарале од ДБK и од АР. Ги нема и заклучоците од работата на собраниските комисии. Се работи за документи од безбедносните служби во вид на службени белешки, предмети, извештаи, планови, предлози за оперативна обработка од периодот од 1993 до 1998 година. Документите се заведени под собраниските архивски броеви 265/2 од 19 јануари 2001 година, 07-18/2 од 26 март 2001 година, 15-589/2 од 19 февруари 2001 година.

Досиејата, за среќа, се зачувани во приватни архиви. Од досието „Темел“ е зачуван по некој оперативен документ во самата ДБK и во МВР врз основа на кои и Kомисијата за лустрација ја донесе одлуката за лустрација. Верзија од досиејата од седиштето на партијата и личните досиеја на првите тогашни луѓе на партија поседуваат само оние лица што ја искористиле таквата законска можност на почетокот на 21 век.

Ексминистерот, а сега професор Фрчковски, беше лустриран од страна на Kомисијата за верификација на фактите како наредбодавец на повеќе наредби за следење на повеќе луѓе, партиски функционери од почетокот на 90-тите, главно од тогашната опозиција. Наредбите биле за следење на движењето и на комуникациите на лица по идеолошко-политичка и партиска линија, ги потпишал наредбите за следење на првите луѓе на тогашната ВМРО-ДПМНЕ под изговор на бугарофилство, следење на линијата на Ванчо Михајлов, соработка со МПО (организација на македонската емиграција), иако тогаш веќе беше воспоставен политичкиот плурализам, а партијата била законски регистрирана во суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top