Денот резервиран за сензации на Вимблдон, трет по ред на 127. издание, го заокружи Серхеј Стаховски со вистинска шок- елиминација на Роже Федерер. Седумкратниот шампион на гранслемот во Лондон и жива легенда на Вимблдон загуби со 1-3 во сетови од 27-годишниот Украинец.
Со Федерер во аут е и Јелена Јанковиќ која загуби од сонароднилката Весна Долонц со 0-2. Денот почна сензационално со пораз на Лејтон Хјуит од Германецот Браун, а шокантните резултати продолжија во текот на комплетната програма денеска. Се редеа поразите на Ана Ивановиќ, Марија Шарапова, откажувањата на Викторија Азаренка, Жо Вилфред Цонга, Марин Чилиќ, Радек Степанек и Џон Иснер. Ваков ден, со цела дузина сензационални резултати веројатно не памети Вимблдон, турнир што се игра од 1877 година.
Украинецот Стаховски ја забележа највредната победа во кариерата, а беше подобар од седумкратниот шампион со 6-7, 7-6, 7-5, 7-6. Федерер е икона на Вимблдон и ко-рекордр по бројот на титулите со Пит Сампрас и со Вили Реншоу.
Стаховски најави сензација на терените на „Ол-Ингланд“ клубот уште од самиот старт на дуелот од втората рунда, вечерва. Федерер со многу мака и во тај-брејк го доби првиот сет со 7-5 во поени. Украинецот не падна на психички план, возврати со иста мерка во вториот сет и со идентични 7-5 во поени во нов тај-брејк израмни на 1-1 во сетови.
Во продолжението се водеше вистинска стратешка битка, а 27-годишниот тенисер од Киев, имаше повеќе нерви и со 7-5 го доби третиот сет за предност од 2-1. Потоа Стаховски имаше и брејк од почетокот на следниот период од играта, но Федерер се врати и поведе со 4-3.
Но, некогаш еден од главните адути на Швајцарецот, ладнокрвноста, сега не беше негово силно оружје и повторно потклекна во тај-брејк за голема радост на Украинецот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



