Одамна се зборува за незадоволство кај фудбалерите на Вардар поради заостанатите плати што им се должат, па навивачите со право прашуваат дали незадоволството кое тлее меѓу вардарци е причина што тие се на раб да не освојат трофеј сезонава.
Според спортскиот директор Дарко Панчев, незадоволството не би требало да влијае врз фудбалерите, затоа што тие имале состаноци со сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко и дека сите тие знаат дека рускиот бизнисмен бил коректен кој секој и не оставил ниту еден фудбалер да не биде неисплатен.
– Има период во кој има застој во исплаќањето на долговите кон фудбалерите, но мислам дека газдата имаше состаноци со нашите играчи и мислам дека се објаснија околу тој правец. Тие знаат дека навистина, барем до сега, не се случило некој да остане неисплатен, знаат дека тука Сергеј секогаш бил коректен. Е, сега, дали тоа им пречи и можеби не даваат сто отсто, искрено ние тоа не можеме да го знаеме. Можеби да има и тоа мало влијание, но лично мислам дека не би требало тоа да влијае затоа што сите знаат дека Сергеј на крајот ќе ги исплати. Така да, треба да се сконцентрираат на игрите и на резултатите, вели Панчев.
(извор – Спорт1.мк)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.