| четврток, 6 декември 2018 |

Утре во ДПМ: „Епохата на естетскиот плурализам“ – трибина посветена на академик Милан Ѓурчинов

Друштвото на писателите на Македонија утре (вторник, 20 февруари), во 12 часот, организира трибина под наслов „Епохата на естетскиот плурализам – дебата за критиката“, во која ќе учествуваат акад. Влада Урошевиќ, д-р Елизабета Шелева, д-р Лидија Капушевска Дракулевска, д-р Соња Стојменска Елзесер и д-р Димитрија Ристевски. Трибината е посветена на акад. Милан Ѓурчинов, по повод 90-годишнината од неговото раѓање.

На отворањето на трибината, претседателот на македонската писателска асоцијација Веле Смилевски на академик Милан Ѓурчинов ќе му предаде Повелба на ДПМ по повод  неговото 60-годишно членување во оваа асоцијација.

Како есеист, критичар, книжевен историчар, теоретичар и антологичар, Милан Ѓурчинов остави силен печат во сите позначајни фази од развојот на македонската литература, во времето на книжевната конфронтација, одбраната на модернистичките тенденции и промовирањето на книжевниот плурализам, до најновите литературни процеси од 21 век. Неговите Избрани дела објавени се во 10 тома.

Милан Ѓурчинов  својот работен век го помина како професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше шеф на катедрата за славистика и покренувач и раководител на катедрата за компаративна книжевност.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top