| четврток, 6 декември 2018 |

Учесниците на Штипското културно лето ќе настапуваат без надомест

На пресот по повод почетокот на 28-та најпрестижна културна манифестација во Штип, градоначалникот Илчо Захариев потенцира дека сите уметници и групи, домашни и странски, се согласиле да учествуваат во неа без финансиски надоместоци.

-Најдовме начин сите учесници на Штипско културно лето да настапат бесплатно дури без да им бидат платени и патните трошоци зашто тие посакаа да му ги посветат на Штип и штипјани своите достигнувања на полето на театарската, музичката, фолклорната, ликовната уметност, како и на полето на литературата. Од општинската каса за оваа културна летна манифестација ќе потрошиме само илјада евра, најголем дел за банкетот што сакаме да го направиме по повод гостувањето на Македонската филхармонија, закажан за 23 јули, вели Захариев. Лани оваа манифестација имала буџет од 20.000 евра.

Голем удел годинава има Универзитетот „Гоце Делчев“, преку Факултет за музичка уметност. На програмата ќе има и вечер на арии со Борис Трајанов, кој е професор на ФМУ во Штип, и неговите студенти, кој ќе се одржи на 5 јули. „Штипско културно лето“ ќе се отвори в сабота со настап на Павле Аксентиевиќ и групата „Запис“ од Србија, со стара црковна и народна музика, а ќе се одржи во Уметничката галерија „Безистен“.

Штипската публика ќе може да ги проследи и концертите на групите „Ша-ша“ и „Сигнал“ од Бугарија, концерт ќе има руската група „Лори“, концерт на пијано ќе одржи Ана Велиновска, традиционалната штипска музичка разгледница, повеќе промоции на книги, ликовни изложби и изложби на фотографии. Ќе се одржи и поетскиот митинг со настап на членови на Друштвото на писателите на Македонија по повод 20 години од постоењето на списанието за литература и култура „Сум“, чие родно место е Штип.

„Летото“ ќе се заврши на 2 август за Илинден, со концерт на староградски песни во изведба на Градскиот хор од Штип.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top