Борис Бекер сѐ уште е најмладиот шампион во историјата на Вимблдон, со освоена титула на 17 години и 8 месеци, во 1985 година. Германецот реагираше на елиминацијата на Рафаел Надал во раната фаза на ова издание на лондонскиот гранслем, што се случи во првото коло по поразот од Белгиецот Стив Дарцис, со порака до шпанската тениска фурија.
– Дефинитивно, Рафа треба да размисли дали да настапува на турнири на трева. Како играше против Дарцис, нема баш светла иднина на ваквите терени. Надал се врати во нормален колосек по проблемите со колената, но за него настапите на трева може да бидат проблематични. Тука се потребни силни и здрави нозе поради постојаните промени на правецот на движење. Во секој момент морате да се лизгате на ваков терен – вели Бекер.
Надал имаше хронични проблеми со двете колена, не играше околу 7 месеци, но се врати на почетокот на оваа сезона и играше одлично, сѐ до настапот на Вимблдон. Во Лондон пристигна со круната од Ролан Гарос и тоа рекордна осма, но на Вимблдон испадна уште во првото коло. Со тоа го повтори несупехот на Бразилецот Густаво Киртен од 1997 година, кога и популарниот Гуга, стаса на терените на клубот „Ол-Ингланд“ со трофеј од Париз, па испадна на самиот старт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.