В понеделник претставници на австриската компанија „Алпине бау“ ќе пристигнат во Скопје и на состанок со претставници на македонската влада треба да се договорат за тоа што ќе се прави со големиот број проекти кои оваа компанија ги изведува, а инвеститор е Република Македонија, објави „МКД“.
Пред пет дена се објавија информации дека оваа компанија банкротираше. „Алпине бау“ има потпишано милионски договори со македонската влада за проекти за реконструкција на железницата, патишта, објекти од проектот „Скопје 2014“, административната зграда на ЈП „Водовод и канализација“, новата зграда на Македонската филхармонија…
На овие објекти веќе пет дена ништо не се работи. Зградата на Макеоднската филхармонија се гради од 2009 година, а требаше да биде готова до 2011 година.
„Алпине бау“ беше еден и од поголемите изведувачи на јавните патишта во Македонија – вкупно 34 договори за изградба на локални патишта со ЈП „Државни патишта“.
Ако дојде до активирање на банкарските гаранции потпишани со договорите за изградба на овие објекти, се проценува дека вкупните загуби на австриската компанија ќе бидат многу поголеми. Евентуалното повторување на тендерите за довршување на овие проекти ќе значи нови трошоци и за Владата на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.