| четврток, 6 декември 2018 |

Замина еден од најдобрите актери во регионот

Утринава во 48. година во животот по тешката борба со болеста, во Белград почина српскиот актер Небојша Глоговац, соопштија српските медиуми.

Глоговац пред 10 дена беше итно примен во Институот за онкологија во Белград. Тогаш медиумите јавија дека е тешко болен и дека неговата здравствена состојба е многу сериозна.

Глоговац е роден 1969 година во Требиње, во семејстово на свештеникот Милован и кројачката Милена Глоговац, а во Панчево се преселил кога имал седум години. Првата улога ја имал во серијата „Подобар живот“, во која го толкуваше ликот на школскиот другар на Слободан Боба Попадиќ.

По завршеното средно училиште се запишува на студиите по филозофија, а по две години се запишува на Факултетот за драмски уметности во Белград, во класата на професорот Владимир Јевтовиќ. Со него заедно студираа Наташа Нинковиќ, Војин Ќетковиќ и Сергеј Трифуновиќ.

Прв филм во кој се појави беше „Вуковар, една приказна“, во кој го толкуваше ликот на војникот Фадила. Првата главна улога ја имаше во филмот „Убиство со предумисла“ каде што го толкуваше ликот на Богдан.

Ќе остане запаметен по улогите во филмот „Буре барат“, „Небесна улица“, „Молња“, „Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур“, „Замка“, „Кругови“, „Устав на Република Хрватска“ и во сериите „Семејно наследство“, „Ќе се вратат штрковите“, „Војна академија“…

Од 1996 година беше член на Југословенско драмско позориште каде што одигра низа забележителни улоги. Публиката најмногу го памети во улогите во претставите „Сомнително лице“, „Метаморфози“, „Хадерсфилд“, „Хамлет“…

Меѓу критичарите важеше за еден од најдобрите актери во регионот, а за својата уметничка работа доби бројни награди и признанија меѓу кои и пет годишни награди од неговиот матичен театар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top